1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ нема политички концепт за Балканот

Тони Гламчевски28 мај 2008

Интервју со Жан-Арно Деранс, француски новинар и специјалист за Балканот, соработник на повеќе дневни весници и уредник на Курие де Балкан-веб весник, вистинска референца за оние кои се интересираат за Балканот.

https://p.dw.com/p/E7Sj
Жан Арно ДерансФотографија: DW / Toni Glamcevski

Господине Деранс, Вие сте еден од најдобрите познавачи на ситуацијата на Балканот, француски специјалист и новинар кој често е присутен во балканските земји. Гледајќи ја сегашната ситуација во регионот, кој заклучок го извлекувате?

Деранс: „Мислам дека денес се наоѓаме во критична, одлучувачка ситуација, бидејќи има серија прашања кои не се решени. Тука главно мислам на Косово, каде и покрај прогласувањето на независноста на 17 февруари и признавањето на независноста од извесен број земји, сеуште ништо не е решено, како што ништо не е решено и во Босна и Херцеговина. Кон ова се додаваат и други проблеми директно или помалку поврзани со оваа ситуација, мислам на политичката ситуација во Србија и во Македонија, каде има многу елементи и потенцијални фактори за криза во регионот. Исто така мислам дека се наоѓаме во одлучувачки период, период на пресврт бидејќи сите политики замислени од меѓународната заедница од пред десетина или петнаесет години констатираат неуспех. Тоа се однесува на двете големи кризи во Босна и Херцеговина и Косово. Целите на тие политики беа едноставно формулирани, Босна и Херцеговина требаше да стане функционална држава, а денес Босна е сé освен функционална држава. Од друга страна во случајот на Косово зборувавме за мултиетничко Косово, и тука неуспехот е целосен. Значи, успехот е сличен на главните проекти на меѓународната заедница и тоа што ме загрижува и ми изгледа опасно е што не гледам денес стратегија кај она што денес го нарекуваме „меѓународна заедница“, посебно на Европската Унија за да се обиде да предложи јасни перспективи за регионот. Мислам дека за неуспехот сите се свесни, но за жал никој нема стратегија за замена и политички проект за регонот.“

Вие велите дека политиката на меѓународната заедница е неуспешна, но дали меѓународната заедница е свесна за својот неуспех? Посебно Европа која вели дека има стратегија за приемот на овие земји во Европската Унија?

Деранс: „Мислам дека дипломатите денес се свесни за тоа и се‘ што се однесува на стратегијата на ЕУ по самиотот во Солун од 2003, според која сите земји од Западен Балкан имаат перспектива да и‘ се приклучат на ЕУ, но тоа се само зборови. Не постои вистински роковник. Европскиот пристап и догма кон регионот е случај по случај. Таквиот пристап денес ги покажа своите граници. Ќе земам како пример еден едноставен случај. Евидентно беше дека Босна и Херцеговина, така како што функционираше досега во изминатиот период не може да функционира со трите народи: Србите, Босанските муслимани и Хрватите. Ако Хрватска стане членка на ЕУ во 2010 или 2011 година и ако Босна остане во „номансландот“ во кој се наоѓа сега, колку Хрвати ќе има во Босна и Херцеговина во 2012-2013? Тоа покажува дека европската политика ги покажува своите граници.“

Што е со случајот на Македонија, дали ситуацијата во оваа земја се влоши по самиотот на НАТО во Букурешт?

Деранс: „Има две нешта. Мислам дека Македонија направи огромен напредок од 2001-ва до денес по Охридскиот договор. Фундаментално мислам дека се‘ до 2001 година двете најголеми заедници во земјата Македонците и Албанците немаа заеднички јазик. Македонците беа убедени дека албанското прашање може да биде решено со доделување неколку права, како правото на користење на јазикот и неговото изучување и останатото беше со удари од пендреците. Албанците сакаа повеќе. Од нивна страна Албанците беа убедени дека Македонија е „фантомска држава“, која нема да опстои и постои. Тие не и‘ признаваа никава политичка легалност на државата. По 2001-ва година нештата длабоко се изменија во главите на Македонците. Македонците мислам дека сфатија дека нивната земја не може да постои без вистинската политичка интеграција на Албанците. Од нивна страна Албанците сфатија, без притоа да се откажат од нивниот романтичен сон за национално обединување, дека нивната лична иднина и иднината на нивните семејства и деца може исто така да биде во рамките на Македонијаи дека така реформираната Македонија може да биде еден случај кој дозволува да се постигне и изгради поубава иднина и да и‘ се приклучат на ЕУ. Тоа е огромен напредок во главите на луѓето. Наспроти тоа, вистина е дека реформите предвидени со договорот од Охрид не се одвиваа брзо, посебно во децентрализацијата. Од постигнувањето на Охридскиот договор поминаа веќе седум години, што претставува долг период, работите се одолговлекуваа. Денес се наоѓаме во сложена ситуација, бидејќи владата на Груевски фундаментално има забележано неуспех кога станува збор за дадените ветувања на социјален и економски план. Ситуацијата на овој план не се подобри, онака како што вети Груевски, затоа во однос на овие ветувања тој е во ситуација на неуспех. Во ваков контекст, Груевски може да игра со наједноставниот начин – национализмотм, односно со реториката „ние Македонците ќе успееме, не ни‘ е гајле за другите!“ Тоа не‘ води и до евентуалните последици од признавањето на Косово, кое Македонија уште не го има направено, усложнето со она што се случи во Букурешт. Во ваквиот контекст Македонија не е во најдобра ситуација и изборите од 1 јуни можат да бидат опасни. Конкретно тука како најопасно ми изгледа можноста ВМРО-ДПМНЕ се стекне со толку огромно мнозинство, што би можело да го стави во прашање и фундаменталниот пакт на Македонија со договорот од Охрид, односно дека ниту една важна одлука не може да биде донесена без партнерството на Албанците. Но, ако ВМРО-ДПМНЕ има на пример над 40% од гласовите, Груевски ќе го избере оној албански партнер кој најмногу му одговара и ќе прави што сака. Но, на долгорочен план тоа може да има опасни последици.“

Вие велите дека Груевски од една страна не ги исполни изборните ветувања, а од друга страна се најавува дека тој ќе биде големиот победник на престојните избори?

Деранс: „Има многу политичари кои не ги исполнуваат ветувањата и победуваат на изборите, тоа не е ништо посебно. Но, тоа највеќе се должи на слабата опозиција. СДСМ се наоѓа во многу лоша состојба и таа е без проект. Тоа е првото нешто. Од друга страна, Никола Груевски смета да го капитализира неуспехот од Букурешт и да го претвори тој политички неуспех, што е од големо значење за земјата, во победа.“

Според вас како надворешен набљудувач, кој ја има одговорноста за неуспехот на самитот во Букурешт, дали е таа на македонската или на грчката страна или пак на меѓународната заедница?

Деранс:Не сакам да делам поени и да кажувам тој е поодговорен од другиот, имам желба да кажам дека од една страна прашањето за името е прашање кое трае долго. Кризата во Букурешт е последици на петнаесетгодишниот проблем, во него Европската Унија има огромна одговорност. Ако за ништо друго, барем поради фактот што Грција е членка на ЕУ од многу одамна. Погледнете ја европската политика, многу често таа смета дека проблемите кои не можат да се решат ќе бидат ставени настрана, ќе ги замрзнеме замислувајќи дека времето се‘ ќе разреши на чудотворен начин, само по себе. Тоа е политиката која беше следена во Босна и Косово, сега констатираме дека времето ништо не реши. Напротив, работите се влошија. Исто така, со наивност верувавме дека прашањето за името беше заборавено и подобро е да не се зборува. Но, прашањето за името се врати на сцената брутално, некои беа изненадени, но тоа се врати и поради политикантски причини посебно во Грција. И, еве тоа е сега тука. Мислам дека демагошкото наддавање кое се практикува по ова прашање од сите грчки политички партии, како од Караманлис така и од ПАСОК е многу тешко разбирливо. Мислам дека Македонија направи исто така серија на грешки, еден од најјасните примери е провокацијата со аеродромот во Скопје. Нешто што навистина не беше потребно. Добро, ќе речете дека аеродромот во Тирана се вика „Мајка Тереза“ и Мајката Тереза не беше авионски инженер, но исто така и Александар Велики. Тоа е малку глупаво. Сепак, сметам дека главната одговорност се наоѓа во ЕУ која остави да тлее кризата за името.“

Како сега може да се излезе од ќорсокакот во преговорите за името?

Деранс: „Мислам дека можат да се најдат компромиси кои нема да го стават во прашање националниот идентитет на Македонија и на македонскиот народ. Гледано подлабоко ова е многу опасно прашање, бидејќи покрај она што е технички можно во рамките на компромис, препечатување нови пасоши, целата политичка дебата како во Грција, така и во Македонија е фокусирана на ова прашање кое треба да биде надминато. Затоа сметам дека тоа е опасно. Всушност целото досие е „скапано“, има решенија кои можат да бидат најдени, бидејќи е добро да има решение. Но, во секој случај кризата од 2008 ќе остави трајни и многу негативни последици во двете земји. Тоа што во политичката дебата во Грција доминира ова прашање, воопшто не е добро за грчкото општетство, знаете има други проблеми во Грција.“

Што мисилите за француската позиција во однос на прашањето за името, поточно таа на претседателот Саркози и дали неговата изјава беше добредојдена?

Деранс: „Навистина не! Навистина не. Сакам да кажам, знам дека Господинот Саркози е претседател на Републиката и кога зборува, зборува во името на Франција, но и покрај ова јас не можам да замислам дека Франција може да има позиција по ова прашање. Не верувам дека за ова се дебатирало во владата, мислам дека се наоѓаме наспроти една лична позиција која е многу емотивна и би рекол многу субјективна позиција на г-динот Саркози. Но, Саркози е претседател на Републиката и неговите лични емоции се изразуваат во името на Франција, тоа по малку е незгодно. “

Г-дине Деранс, Вие имате објавено повеќе книги за регионот, за Косово, за поранешна Југославија... Дали денес сте оптимист за иднината на регионот? Бидејќи, кога ве слушам, имам впечаток дека имате песимистички поглед, дали има место и за оптимизам?

Деранс: „Тука ја имаме класичната формула на Грамши „песимизмот на интелегенцијата е оптимизам на волјата“. Реално, мислам дека денес се наоѓаме во критична и многу тешка ситуација, во една равенка во која има само непознати: што ќе се случи во Србија, што ќе се случи на Косово, во Босна, што ќе се случи во Македонија. Тоа што највеќе ме плаши е отсуството на политички проект од страна на Европската Унија, на која и‘ припаѓа улогата да ја формулира политичката перспектива. Гледајте што се случи во Босна со наводната реформа на полицијата, тука ја достигнавме највисоката точка на илузијата на празнината. Сите знаат дека таа реформа не е ништо, ама апсолутно ништо. Но сите ја поздравија таа реформа, бидејќи со неа се добива на време, неколку месеци, со што Босна ќе даде впечаток на стабилност. И, тоа е се‘ што посакува Европа. Го имаме на рака Косово, Босна треба да остава впечаток дека изгледа мирна. Тоа не е решавање на проблемите. Тоа не е предлагање на политички перспективи кои ќе ги задоволат тежнеењата на граѓаните на Босна и на другите земји од регионот. Тоа нема да дозволи разрешување на вистинските економски и социјални проблеми за развој и отворање на сите земји од регионот. Тоа е крајно загрижувачки. Тоа што може да биде фактор на оптимизам е волјата на сите жители на регионот да живеат нормално. Под нормално живеење тие подразбираат да можат слободно да патуваат, да заработуваат доволно за живот и точка. Луѓето се надеваат на ова. Насекаде, како во Македонија, така и во Србија, Косово или на друго место. Оваа желба да се достигне една здодевна баналност, еден здодевен комфор може да ги наведе граѓаните да не ги поддржуваат ултранационалистичките испади, демагогии и евентуалните воружени авантури. Погледнете го на пример огромното мнозинство Албанци од Македонија, тие имаат желба да ја изградата нивната иднина и тие денес се подготвени да го направат тоа во една земја која се вика Република Македонија. Истовремено, има радикални милитанти, но нив ги има во сите земји и народи, еден дел од општеството, посебно млади, кои знаат дека не можат да најдат работа и не ќе можат да го изгрдат животот на задоволувачки начин. Единствената перспектива за нив е обидот да заминат и имигрираат во Швајцарија, Германија или на друго место, што е многу тешко. И тој дел од албанското општество остава простор за нови воени авантури. Бидејќи наместо да се биде невработен, изгледа многу посимпатично и позадоволувачки да се биде „герилерос“ или „голем патриот“. “