1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не сака нови „пациенти“ - крај на европската солидарност?

Дуња Драгојевиќ / Жана Ацеска21 септември 2012

Економската криза ја разниша довербата во Европа. Дури секој трет жител на ЕУ верува дека Унијата значи предност за неговата татковина. Како се одразува кризата на процесите на евроинтеграциите на земјите од ЈИ Европа?

https://p.dw.com/p/16CEX
Фотографија: Getty Images

Се‘ до неодамна за многумина жители на Југоисточна Европа членството во ЕУ беше високопожелна цел. Хрватска гледаше во правец на југоисточноевропските членки на ЕУ со мешавина од восхит и завист. Другите земји од екс-Југославија пак, на таков начин гледаа на Хрватска, која стигна на целта со пристапните преговори. Се‘ додека економската криза не ја потресе ЕУ. Со секоја лоша вест од Атина, Мадрид или Рим, во последниве месеци опаѓа и воодушевувањето за големото европско семејство. Оваа тенденција е забележлива и во членките на ЕУ, како и во оние кои стремат кон Унијата. Актуелната анкета на јавното мислење на фондацијата Бертелсман покажа дека дури и Германците, кои важат за највоодушевени Европејци, полека ја губат вербата во Европа.

Колку мотивирачка е европската перспектива?

„Европа денес веќе не е со самото свое постоење гарант за успех. Тоа мора да се прифати“, констатираше професор Ханс-Јирген Акст од универзитетот Дуизбург-Есен на подиумска дискусија во Дојче веле на тема: „Крај на европската солидарност?“ (19.092012). Живееме во време во кое се преиспитуваат старите констатации: „Европа значи нешто добро, таа значи напредок и благосостојба“.

Heinz Jürgen Axt
Професор Ханс-Јирген АкстФотографија: DW/Anna Maciol

Германците при давањето финансиска помош во последно време се прашуваат - вреди ли да се даваат пари за спасувачки акции чиј исход е неизвесен? На ваквиот сомнеж Акст одговара со прашање: „Што ќе беше да ја немавме Европа? Ова прашање едноставно мора да си го поставиме и сето останато тогаш ќе биде значително релативирано“.

Во Европа владее голема несигурност, па секоја земја ги гледа своите интереси. Тоа не мора да биде негативно и да значи крај на солидарноста, смета Акст. Но, конфликтите поради еврокризата ќе зачестуваат, кога сите наново поставуваат исти подбуцнувачки прашања: Може ли Грција долгорочно да остане во еврозоната и дали се доволни инструментите на солидарноста во Европа?

„Европската перспектива нема алтернатива“

Овие дискусии во земјите од ЈИЕ , кои стојат во редица за прием во ЕУ, се следени со голем интерес. Грофот Николаус Ламбсдорф, ополномоштеник за ЈИЕ, Турција и државите на ЕФТА при германското министерство за надворешни работи, е убеден дека европската перспекектива нема алтернатива за земјите од Западен Балкан.

„Единствената алтернатива која ми паѓа на памет би било назадувањето на овој регион поради недоволниот напредок. Тоа не е и не може да биде во наш интерес“.

Истовремено Гроф Ламбсдорф уверува дека ЕУ и натаму гледа позитивно на проширувањето. Притоа:

„Останува дека Германија е најактивната членка на ЕУ во регионот“. Причината не е само желбата за заштита на германските „инвестиции“:

„Германија многу се ангажираше во стабилизирање на регионот по четирите војни почнати од Милошевиќ, прво воопшто за враќање на мирот. Овде имавме 400 илјади бегалци од Босна, кои во најголем дел можеа да се вратат, во меѓувреме нашиот контингент во рамките на меѓународните трупи на Косово е најголем“.

Германија финансира бројни меѓународни иницијативи на Западен Балкан и за речиси сите држави таму е истовремено најважен политички и стопански партнер.

Берлин во овие турбулентни времиња за Европа и еврото цврсто се држи на курсот на проширување, но ЕУ сепак не сака прием на нови „пациенти“. Потребно е развивање и заслужување на доверба. „Ние станавме прилично недоверливи“, вели Гроф Ламбсдорф.

Nikolaus Graf Lambsdorff, Deutsche Außenministerium
Гроф Николаус ЛамбсдорфФотографија: picture-alliance/dpa

Нова надеж за Турција?

Според него, во германски интерес е продолжувањето на преговорите за прием на Турција. Турција стана многу атрактивен партнер за Европа преку силниот стопански развој и важната геостратешка положба. Но, постојат и натаму ЕУ-држави кои не сакаат натамошно приближување на Турција кон ЕУ, вели Ламбсдорф.

Во Турција нема ликување и „ситење“ со оглед на европската криза, потенцира д-р Ерол Есен, раководител на Истражувачкиот центар Европа на Средоземноморскиот универзитет во Анталија. Сепак, се забележува нараснатата самодоверба на Турција, додека вербата во прием во ЕУ се‘ повеќе слабее, зашто Турција нема разбирање за запирањето на пристапните преговори. Од членство на Турција во ЕУ можат да профитираат двете страни, верува Есен.

Довербата е ставена на проба

И покрај сите разлики во процесот на приближување кон ЕУ, земјите од Западен Балкан и Турција имаат нешто заедничко: никој не може да им гарантира дека еден ден ќе станат дел од ЕУ. Многумина веруваат дека по приемот на Хрватска, подолго време нема да има ново проширување. Само малкумина се осмелуваат да одредат конкретна временска рамка. Професорот Хајнц-Јирген Акст зборува за „една декада“. Притоа, колку понереална и подалечна е перспективата за членство во ЕУ, толку се поограничени можностите на ЕУ да влијае врз процесите во тие земји.