1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не сака увоз на „мини“ кои ќе експлодираат при приемот

Тони Гламчевски22 ноември 2012

Еврокомесар Штефан Филе пред европратениците во Стразбур нагласи дека во ЕУ не смеат да се увезат билатералните проблеми на земјите кандидати, а европратениците инистираа на определбата за проширување.

https://p.dw.com/p/16nr0
Фотографија: dapd

На крајот од расправата која траеше повеќе од еден час, комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе нагласи дека билатералните спорови мораат да бидат решени пред потпишувањето на договорот за членство.

„Проширувањето не е за да се внесат отворени билатерални проблеми во Европската унија. Мораме да бидеме сигурни дека нерешените билатерални проблеми нема да бидат ’мини’ кои ќе експлодираат во текот на постапката за прием на нови земји членки“, рече Филе во расправата за извештајот за политиката и критериумите за проширување и стратегиските интереси на Европската унија во таа област.

Филе притоа инсистираше дека тој е подготвен со сите средства, преку преговори, арбитража, користење на судот од Хаг, да се решаваат овие билатерални прашања паралелно со процесот на преговорите за членство.

Во предлог - резолуцијата јасно се вели дека билатералните проблеми треба да бидат решени пред членството во Унија, тука пред се‘ се мисли на територијални проблеми. Притоа треба да се земат во предвид и интересите и вредностите на ЕУ, а се предлага и механизам за арбитражно решавање на билатералните проблеми во рамките на ЕУ.

Барање за давање датум за преговори на Македонија

Во расправата европратениците Едуар Кукан, Чарлс Танок и Ричард Ховит отворено се заложија на Македонија да и‘ биде даден датум за почеток на преговори во декември.

А во самата резолуција Македонија се споменува како земја кандидат со која се води дијалог на високо ниво, процес кој добива позитивни оценки од европратениците. Но притоа се бара тој да не ги замени формалните процедури за преговори

Комесарот Филе, исто како најголемиот дел од европратениците кои зедоа учество во дебатата, подвлекоа дека е од клучно значење средствата за предчленство да се трошат ефикасно, како и ставот на Европскиот парламент дека буџетот на ЕУ наменет за програмата за проширување не смее да биде помал од досегашниот.

Frankreich Europaparlament in Straßburg Flaggen
Фотографија: Reuters

Европратениците и комесарот се согласија дека „не постои ниту едно помоќно оружје за промени, од проширувањето и дека тоа мора мудро да се користи во соседството“.

Според Филе „не смее да дојде до замор од проширувањето, бидејќи ако заморот од проширувањето се претвори во замор од реформи, тогаш ќе имаме голем проблем, бидејќи секој проблем во нашето соседство е и наш проблем“.

Да не се заборави на проширувањето

Европратениците оставија впечаток дека тие се залагаат за продолжување на процесот на проширување, но условите за членство од Копенхаген и Мадрид се бара да бидат стриктно почитувани од земјите кандидати.

„Проширувањето на ЕУ беше голем успех. Ние треба да ги исполниме ветувањата од Солун, од искуството знаеме дека треба исполнување на условите, во спротивно осудени сме на неуспех. Потребно е да се почитуваат условите за членство, во спротивно ќе треба да размислуваме за алтерантивни решенија“, рече германскиот европратеник Елмар Брок.

Тој притоа посебно инистираше на капацитетите на ЕУ за апсорпција на нови земји членки. Односно новите земји членки со членството треба да ја зајакнат а не да и‘ наштетат на способноста на ЕУ за спроведување на нејзините политики.

Тоа стои и во предложената резолуција за која денес (22 ноември 2012) ќе гласа ЕП, односно дека ЕУ со приемот на нови земји членки „мора да ја одржи способноста за зачувување на својата економска и социјална кохезија, затоа се бара да се води посебно сметка за социјалните компоненети на реформите во земјите кандидати.

Според текстот предложен од грчката европратеничка Мариа-Елени Копа, условите за членство мораат да бидат „точно и јасно утврдени и дека не смее да има додатни услови“ и дека не смее да се дозволи некои земји членки да бидат примени во ЕУ, а притоа тие да не ги имаат исполнето сите услови.