1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ повторно ги заостри санкциите против Сирија

АТ/ афп/ дапд25 јуни 2012

Притисокот врз Дамаск расте: ЕУ и Австралија воведоа нови санкции. Сирија продолжува да добива критики од меѓународната заедница, поради соборувањето на турскиот воен авион.

https://p.dw.com/p/15L4S
Фотографија: Reuters

ЕУ ги заостри санкциите против владата во Дамаск поради тоа што насилството во земјата продолжува. Министрите за надворешни работи на ЕУ донесоа одлука неколку лица да бидат ставени на листата за санкции и нивните сметки во Европа да бидат замрзнати. Тие повеќе нема да смеат да влезат во ЕУ.

Австралија натамошно ја ограничи трговската размена со Сирија

Претходно Австралија најави нови трговски санкции. Тие се однесуваат на нафтата, финансиските услуги, телекомункацискиот сектор и благородните метали. Овие мерки се дополнување на ембаргото за оружје и веќе постоечките финансиски санкции, како и ограничувањата за патување, соопшти австралискиот министер за надворешни работи Боб Кар. Целта е да се зголеми притисокот врз сириската влада да го спроведе мировниот план на специјалниот пратеник за Сирија Кофи Анан.

Случај за НАТО?

НАТО исто така официјално ќе се занимава со Сирија, оти Турција свика седница на Советот на НАТО, откако воен авион на турската армија изминатиот петок беше соборен од страна на Сирија. Вонредната седница Северноатланскиот сојуз ќе ја одржи утре (26.06.) во Брисел.

Случај за ОН?

Сирија соопшти дека соборувањето на авионот било превид, но не се извини, оти турскиот воен џет го повредил сирискиот воздушен простор. Но со ова случајот не е затворен за владата во Дамаск. Министерката за надворешни работи на САД Хилари Клинтон и нејзиниот британски колега Вилијам Хејг не ја исклучуваат можноста да се вклучи Советот за безбедност на ОН. „Овој потег покажува колку сирискиот режим се оддалечил од однесување кое е прифатливо и силно го осудувам“, изјави Хејг.