1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Schäuble will Transaktionssteuer

17 септември 2011

ЕУ-министрите за финансии на средбата во Вроцлав поддржаа воведување данок на финансиски трансакции во Европа. Германија инсистира на него, Велика Британија е скептична. На дневен ред повторно беше и Грција.

https://p.dw.com/p/12bFc
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле смета дека вреди да се направи нов обид. Откако минатата година пропадна воведување глобален данок на сите финансиски транцакции, тој заедно со неговиот француски колега Франсоа Бароа сака да направи обид во европски рамки. САД категорично одбиваат оданочување на финансиските пазари. Тоа на своите европски колеги им го потврди америкaнскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер во Вроцлав.

„Не е изненадувачки што Гајтнер не ја поддржа идејата како решение за сите проблеми, но јасно е дека ЕУ ќе работи засилено на данокот“, изјави Шојбле.

Прилив пари во испразнетите државни каси

Веќе во октомври Европската комисија треба да излезе со конкретен предлог-закон. Британскиот министер за финанси Џорџ Озборн на идејата за данок на финансиски трансакции гледа со скепса. Тој стравува од негативни ефекти за Лондон, задршки имаат и Италија и Полска.

Во краен случај, истакнува Шојбле, 17-те држави од еврозоната ќе го воведат данокот сами.

„Се разбира, се‘ уште ќе има натегања околу деталите, но не сакаме повлекување од битката, сакаме да се обидеме со нов закон во рамките на  ЕУ“.

Данокот треба да донесе пари во државните каси, кои претходно беа дадени за спас на банките и осигурувањата. Освен тоа, ризичните финансиски трансакции треба да бидат толку поскапени, што да не се исплаќаат, барем во еврозоната.

G7-Finanzminister beraten‎ in Marseille Frankreich Francois Baroin Wolfgang Schäuble 2011
Волфганг Шојбле и Франсоа БароаФотографија: AP

Грција повторно на дневен ред

Во Вроцлав се водеа интензивни разговори со грчкиот министер за финансии Евангелос Ванизелос. И германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле јасно му порача-грчките финансиски резултати мора да се подобрат. Ако тројката контролори од ЕУ, Европската централна банка и ММФ до почетокот на октомври не достави позитивен извештај, следната транша кредити за помош на Грција од осум милијарди евра нема да биде исплатена.

Шефот на ЕЦБ Жан Клод Трише за Дојче веле потврди: „Ако тројката констатира дека Грција не ги извршила задачите, следната транша нема да биде исплатена. Прерано е да се шпекулира што ќе се случи ако тоа се случи“.

Ниеден од министрите не сакаше да каже нешто конкретно за евентуален итен план во случај на банкрот на Грција. Германскиот министер Шојбле потенцираше, дури и ако Грција во октомври не добие свежи пари, тој не гледа никкава итност, крајно, земјата е обезбедена со ветената помош од 110 милијарди евра и во моментов не е зависна од финансиските пазари.

ECOFIN Treffen Breslau Jean-Claude Trichet
Жан Клод ТришеФотографија: picture alliance / dpa

ЕУ-министрите за финансии констатираа дека за разлика од Грција, Португалија и Ирска ги извршуваат своите планови за штедење и се на пат на подобрување. Ирска и Португалија добија 150 милијарди евра како кредити од европскиот фонд за спас на еврото.

Средбата во Вроцлав заврши порано од предвиденото поради масовните демонстрации во градот. На протести против политиката на штедење во ЕУ повикаа синдикатите од цела Европа, освен од Полска учесници допатуваа од Унгарија, Чешка и Германија. Полицијата соопшти дека се собрани 10 илјади луѓе, организаторите сметаат со 30 илјади демонстранти.

Автор: Бернд Ригерт/ Жана Ацеска/ дпа

Редактор: Александра Трајковска