1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ подготвува нова понуда за Иран

Бернд Ригерт15 мај 2006

Министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ во Брисел се занимаваа и со мисијата во Конго и помошта за Палестинците

https://p.dw.com/p/Ac6b
Хавиер Солана
Хавиер СоланаФотографија: AP

ЕУ има намера да му поднесе нов предлог на Иран, и покрај вчерашната реакција на иранскиот претседател Ахмадинеџад, кој средбата на европските министри ја означи како „безначајна“. „Ние непроменето ќе продолжиме со напорите и сметам на тоа дека кај иранското раководство на крајот сепак преостана малку разум, за да не ја одбие повторно понудата уште пред таа да се најде на маса. Сметам дека има доволно разумни луѓе, кои ќе реагираат на ова и тоа не на начин како вчера Ахмадинеџад“ – рече германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.

Европската тројка, Велика Британија, Франција и Германија, работи врз преговарачки пакет, со кој на Иран би му се ветила помош кај цивилното користење на атомска енергија, а за возврат Иран би го запрел облагородувањето на ураниум – што тамошниот претседател категорично го одбива. Во текот на неделава земјите со право на вето во Советот за безбедност на ОН и Германија ќе ги продолжат консултациите околу новата политичка иницијатива.

Минатонеделните обиди за усогласување околу резолуција која би овозможувала и санкции против Иран не успеаја: Кина и Русија беа против остро формулирана резолуција, додека САД и натаму го одбиваат предлогот за директни преговори со Иран.

Европскиот претставник за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана ја повика владата во Техеран и самата да учествува во барањето дипломатско решение: „Ние секогаш велевме дека би било добро дипломатско решение, така ќе правиме и понатаму. Подготвуваме пакет, што тие тешко ќе можат да го одбијат, ако навистина им е во прашање производство на струја. Ако не, тогаш знаеме што тие навистина сакаат“.

Солана вети дека ЕУ работи под „полна пареа“ врз нов систем на финансирање за да им помогне на Палестинците – без да мора да соработува со владата на движењето Хамас. Унијата сака да востанови специјален фонд за финансирање на болници и училишта на палестинските територии. Генералната помош беше запрена во април, оти Хамас одбива да ги признае државата Израел и мировниот процес. Фондот, според еврокомесарот за надворешна политика Бенита Фереро-Валднер, ќе профункционира најрано во јуни, поради потешкотии со Светската банка во практичната реализација.

Паралелно во Брисел 25-те министри за одбрана се консултираа околу составот на трупите за мисијата на Унијата за обезбедување на текот на изборите во јули во Конго. Германија ќе ја даде командната централа во Европа, Франција ја презема командата во главниот конгоански град Киншаса. Севкупно ќе бидат вклучени 1500 војници. Недостигаат уште неколку авиони и хеликоптери. Германскиот министер Франц-Јозеф Јунг рече дека очекува соодветен придонес и од другите земји-членки: „Ова е европска мисија, а тоа значи дека не развиваат активности само Германија и Франција, туку мораме да дејствуваме заеднички. Се надевам дека ќе можеме тоа да го договориме“.