1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ подготвува санкции против Украина

БГ/ртр/миа19 февруари 2014

Сѐ погласни се најавите дека ЕУ ќе воведе санкции кон одредени украински политичари по ескалацијата на насилствата во Киев. Германија засега воздржана.

https://p.dw.com/p/1BBSW
Фотографија: Getty Images

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон свика вонредна седница на Советот за политика и безбедност на ЕУ. Тема на расправа ќе биде ситуацијата во Украина. На состанокот ќе бидат разгледани сите можности, меѓу кои и мерки против одговорните за репресиите и непочитувањето на човековите права, се вели во соопштение на прес службата на кабинетот на Ештон.

Ештон повика сите одговорни страни во Украина итно да прекинат со насилствата. Украинскиот претседател Виктор Јанукович соопшти дека утре ќе биде прогласен Ден на национална жалост во државата, откако во синоќешните немири загинаа 25 луѓе и над 240 се повредени.

Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо најави дека е можно да бидат воведени санкции против „одговорните за насилството и употребата на прекумерна сила“.

Најгласни во барањата санкции за Украина се Полска и Латвија. Кон повиците се придружи и францускиот претседател Франсоа Оланд. ЕУ ќе разгледува евентуално замрзнување на имот и забрана за патување за одредени украински функционери. Германската канцеларка Ангела Меркел ескалацијата во Украина ја оцени како „длабоко загрижувачка“, но нејзина портпаролка одговори дека сѐ уште е рано да се каже дали е време за санкции.