1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ по самитот: се заканува ли сега кавга на сите против сите?

19 јуни 2005

По неуспехот на самитот во Брисел, ЕУ се наоѓа на крстопат - оцени австрискиот канцелар Волфганг Шисел.

https://p.dw.com/p/AcEc
Австрискиот и германскиот канцелар Волфганг Шисел и Герхард Шредер
Австрискиот и германскиот канцелар Волфганг Шисел и Герхард ШредерФотографија: AP

Со непопустливата позиција околу финансискиот план на Унијата британскиот премиер Тони Блер на самитот јасно стави на знаење дека неговата земја сака поинаква Европа, Европа што е повеќе ориентирана кон пазарното стопанство, кон голем заеднички пазар, а не длабоко интегрирана Европа. Но, во таков случај нема повеќе никаква причина за солидарност меѓу земјите членки, изјави Шисел, нагласувајќи дека околу ова потполно се согласува со неговиот германски колега Герхард Шредер. „Оној кој сака ваков пазарен модел на Европа, тој се простува од досегашниот социјален модел што на сите ни донесе толку добро, што не направи силни и што го сакаа граѓаните на ЕУ„ – порача австрискиот канцелар во интервју за Првата германска телевизија.

На самитот во Брисел беше искршено мноштво политички порцелан и сега постои реална опасност да отпочне борба на секоја земја против другите. Тоа се должи на однесувањето на британскиот премиер кој и покрај излегувањето пресрет од страна на другите земји членки не сакаше да попушти и дозволи да пропадне целиот среднорочен план на Унијата, оцени Волфганг Шисел и го предупреди Тони Блер со преземањето на претседателството со ЕУ да не се обиде да протурка национални интереси, туку да се стави во служба на Европа. По Велика Британија, Австрија ја презема палката во првата половина од 2006-та.

Десетте нови членки на ЕУ по пропаѓањето на самитот стравуваат дека ќе изостанат ветените субвенции од европските фондови за изградба на инфраструктурни објекти и модернизација на нивните стопанства. Затоа и ја покренаа иницијативата за откажување од дел од помошта, само за да овозможат компромис меѓу богатите и стари членки на Унијата. „Тоа беше наш интерес да биде постигнат навремен компромис„ – вели полскиот премиер Марек Белка, кој ја предводеше иницијативата на новите членки на самитот во Брисел. Само неговата земја требаше според плановите да добие 60 милијарди евра во периодот меѓу 2007 и 2013, додека останатите 9 нови членки заедно повеќе од 70 милијарди. Британскиот премиер меѓутоа ја отфрли понудата: „Не сакаме сиромашните земји де плаќаат за нас„ , туку сакаме преструктуирање на аграрниот буџет, инсистираше Блер, кој се смета за единствен победник на самитот во Брисел.

Неговиот француски колега по функција Доминик Девилепен оцени дека со неуспехот на самитот Европа се наоѓа во една од најтешките фази. А неговиот министер за внатрешни работи и кандидат за функцијата Претседател на државата по Жак Пирак, Николас Саркози, изјави дека на Европа и треба „нов мотор„. Досегашниот што се состоеше од Франција и Германија не функционира повеќе, а во новиот според Саркози покрај овие две земји треба да се вклучат уште Италија, Велика Британија, Полска и земјите од Бенелукс. Сакркози истовремено се заложи за замрзнување на процесот на проширување на ЕУ. Ова се однесува особено на Турција.

И заменик шефот на Европската комисија и комесар за индустрија, Гинтер Ферхојген препорача поголема воздржаност по прашањето на проширувањето на ЕУ. „Преку постојните ветувања не треба да се прават нови. Постојат и други модалитети за постигање политичка и економска стабилност на Европа, покрај полноправното членство„ – порача еден од архитектите на проширувањето, Гинтер Ферхојген.