1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ реагира на политичката криза во Македонија

АТ/ макфакс/ миа20 декември 2012

ЕК ги повика сите политички фактори во Македонија на одговорно однесување фокусирајќи се на реформите и исто така ги повика сите партии да придонесат за изборите во 2013 година да минат транспарентно.

https://p.dw.com/p/176Hd
Фотографија: AP

Европската унија ги повикува сите политички партии во Македонија да се однесуваат одговорно и главна цел на агендата да им бидат реформите со кои ќе овозможат Европската комисија да донесе позитивен извештај напролет, гласи официјалниот став на Брисел во врска со политичката криза во Република Македонија предизвикана од блокирањето на донесувањето на Буџетот за 2013 година, пренесе дописникот на службената агенција МИА.

Станува збор за блокада на работата на Комисијата за финансирање и Буџет, каде што претставниците на најголемата опозициска партија СДСМ предложија повеќе од илјада амандмани, од кои некои треба да минат и на други собраниски комисии. Со тоа се одолговлекува периодот во кој предлог-буџетот за 2013 година треба да биде ставен на гласање во Собранието и да се изгласа  до 31-ви декември, вклучително и законот за задолжување кај Светската банка. Во спротивно, како што најави министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески државата ќе претрпи штета од 84 милиони евра.

Од Европската комисијата, денеска индиректно ја коментираа и заканата што лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, ја објави минатата седмица на прес-конференција, дека опозицијата нема да учествува на локалните избори кои треба да се одржат во март идната година, доколку не биле прифатени сите препораки од ОБСЕ за изборниот законик. Од ЕК порачаа дека Република Македонија има добро досие за одржани избори во последните години и оти очекуваат сите партии да придонесат изборите во 2013 година да се спроведат на транспарентнен начин.

Peter Stano Pressesprecher der EK für Erweiterung und Nachbarschaftspolitik
Петер СтаноФотографија: European Commission

„Она што ние постојано го нагласуваме и што беше неодамна повторено од страна на ЕУ во заклучоците на Европскиот совет е дека вашата земја треба да ја фокусира целата енергија и напори и да испорача резултати со што ќе и се овозможи на Комисијата да даде позитивен извештај за прашањата што се во фокусот, како реформите и слично, а што потоа ќе им овозможи на земјите-членки да донесат позитивна одлука за отворање на пристапните преговори со ПЈР Македонија", го цитира агенцијата Петер Стано, портпаролот на ЕК задолжен за секторот проширување на Унијата.

Стано, притоа, повторил, дека Комисијата не ги коментира позициите на различните политички актери, ниту шпекулира што би можело да се случи доколку, меѓутоа потсетил дека за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите треба да придонесат сите политички актери во земјата. „Сите политички партии имаат одговорност да обезбедат локалните избори во пролетта 2013 година да се спроведени на отворен, плуралистички и транспарентен начин", бил дециден Стано. Според него, Европската комисија и земјите-членки на ЕУ гледаат на изборите кај сите аспиранти и кандидати за членство како на една од потребните мерки за напредок.