1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ сака да стане поатрактивна за странски студенти

Маркус Литике / Елизабета М.Фиданоска26 март 2013

Влезот во ЕУ за студенти и научници од трети земји е компликуван. Европската комисија сега сака да воведе единствен систем за студентски визи во ЕУ. Дали на тој начин ќе бидат отстранети сите тешкотии?

https://p.dw.com/p/184HT
Фотографија: Fotolia/Africa Studio

Секоја година повеќе од 200.000 студенти и научници од држави кои не се членки на ЕУ користат можност да престојуваат во Европа. Постапката во земјите членки на Унијата за доделување визи меѓутоа е многу различна. Секоја земја има свои правила за доделување виза за престој и студирање, односно занимавање со научна работа на универзитетите. Тежок е и преминот од една во друга земја членка.

За ЕУ во иднина да биде поатрактивна како место за студирање и истражување и да може да се носи со САД и Австралија треба да се уедначат условите за доделување визи и да се подобрат условите за младите академци, смета Европската комисија. По барањата за виза во иднина би требало да се донесе решение во рок од 60 дена. Треба да се поедностави и постапката на промена на универзитетот во рамките на ЕУ. Освен тоа, се планира и на студентите да им се дозволи да работат најмалку 20 часа неделно.

Потребно е да се направи повеќе

Улрих Гротус од Германската служба за академска размена (ДААД) го дели ставот на ЕК дека Европа мора да стане поатрактивна за студентите од трети земји. За него, меѓутоа, од решавачко значење се други работи: „Во Германија побарувачката на мастер-студии на англиски јазик е далку поголема од понудата.“ Тука се неопходни подобрувања.

Symbolbild Studiengebühren
Секоја година повеќе од 200.000 студенти и научници од држави кои не се членки на ЕУ користат можност да престојуваат во ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa

Освен тоа, признавањето на странските свидетелства кои овозможуваат студирање не треба да се прави паушално, во зависност од земјата од која доаѓа кандидатот, туку секој случај треба да се разгледува посебно: „Американец со своето завршно свидетелство од средно училиште може да се пријави за студирање на најдобрите универзитети во татковината и во светот, но во Германија тоа не е доволно за да му се даде дозвола за студирање.“

Гротус затоа пледира да се прави индивидуална проверка на кандидатите. Во колкава мера се можни единствени стандарди во Европа е прашање, поради тоа што образовните системи во земјите членки се навистина различни.

Чекор во вистинска насока

Сандра Хазелоф, раководителка на одделот за научна соработка при фондацијата Александер фон Хумболт, сепак смета дека новите предлози на ЕУ се важен чекор: „Мислам и се надевам дека ќе има поголеми поедноставувања на постапката. Тоа се однесува како на времето на обработка на барањата за виза, така и на внатрешната мобилност на студентите во Европа, во случаи кога тие, на пример, се запишани на прекугранични докторски студии.“

Symbolbild Wissenschaft Forschung Labor Chemie Studenten
Фотографија: Fotolia/Gennadiy Poznyakov

Можноста за работа од најмалку 20 часа во неделата, според Хазелоф, во случаите кога се студира редовно, е многу. Сега германскиот закон дозволува странските студенти да смеат да работат 120 денови со полно работно време годишно, или 240 денови со половина работно време. Заедничко правило на ниво на ЕУ досега нема.

Сега за предлозите на еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром треба да се расправа во Европскиот парламент и во Советот на ЕУ. Комисијата се надева дека новите правила би биле применливи од 2016 година.