1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ самитот во застој

13 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRZ
Шефовите на држави и влади од ЕУ, заедно со нивните колеги од земјите кои догодина ќе и' пристапат на Унијата, денеска ја продолжуваат расправата околу идниот Устав. Вчерашниот ден не донесе никакви придвижувања по ниедно од спорните прашања. Денеска според најавите актуелниот претесдавач со Унијата, Силвио Берлускони, треба да поднесе компромисен предлог. Студениот ситен дожд во Брисел многу добро го отсликува расположението и внатре во салата каде што се одржува самитот. Нема ни трага од понесени дискутанти, кои со своите говори исцртуваат нови хоризонти на европското обединување. Напротив, се' се сведува на борба за моќ и протуркување на национални интереси. По заедничката вечера, премиерот на Луксембург, Жан Клод Јункер, вака ги оцени шансите за постигнување успех на самитот: "Не знам дали самитот ќе пропадне. Но, доколку би требало да дадам процентуална проценка, тогаш повеќе би бил за тоа дека не' очекува неуспех." Јункер, кој се доживува како еден вид посредник меѓу шесте големи и 19 помали држави, нагласи дека позициите не се изманиле ни за јота. Напротив, Полска и Шпанија грчевито се борат за позоцијата што им ја ветува договорот од Ница, имено речиси еднакви права при гласањето во Советот на Унијата, како и многу поголемите Германија и Франција. Канцеларот Герхард Шредер меѓутоа нема намера да се повлече од структурата што е содржана во предлог уставот на конвентот, со која се предвидува двоен мнозински клуч. Шефот на дипломатијата, Јошка Фишер, пак и' префрли на Полска дека сака да ја гради Европа врз мнозински принципи што ќе водат само кон блокади, а кои беа можни според стариот договор од Ница: "Ако е тоа така, тогаш ќе имаме огромни проблеми, што ќе одат на штета на способноста за дејствување на Унијата и на штета на заедничките интереси на сите членки, а особено на новите." Шредер исто така и' префрли на Полска дека не може да го почне членството во ЕУ со политика на тотално вето. Полскиот премиер Лешек Милер, меѓутоа, кој во Брисел допатува со повреда на 'рбетот по една сообраќајна несреќа, остана непопустлив. Полска е горда нација и нема да се повлече од првата што и' го даваат договорите од Ница, врз основа на кои впрочем и се одржа референдумот за пристапување кон Унијата во неговата земја. Милер гледа евентуален излез од моменталниот ќор сокак во најавените предлози на актуелниот претседавач со Унијата. "Се среќавам со Берлускони и ќе видам какви адути има евентуално во ракавот. Не знам каков ќе биде конечниот исход од овој самит за полската делегација." Берлускони во меѓувреме веќе изјави дека е можеби подобро да се одложи конечната одлука околу тешките уставни прашања за наредната година. Подобро задоцнета одлука, отколку лош Устав - оцени италијанскиот премиер. Но, дури и доколку дојде до малку веројатниот пробив по судбоносните прашања за тежината на гласовите на секоја од земјите членки, остануваат уште многу други нерешени проблеми, нагласува премиерот на Лукемсбург, Јункер: "Прашањето на тежината на гласовите и составот на Комисијата всушност само ги прикриваат останатите точки на насогласување, кои ги има навистина многу. Не можам да си замислам дека на крајот на самитот би можеле сите нив да ги минеме по брза постапка."