1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ спори со Германија

АТ/ ртр/ афп/ дпа18 декември 2013

Комисијата на ЕУ денеска отвори постапка против Германија поради законот за еколошка струја, односно олеснувањата кои со него ги добиваат големите корисници на струја.

https://p.dw.com/p/1Ac08
Фотографија: DW / Maksim Nelioubin

На германската индустрија ѝ се заканува губење на финансиските олеснувања вредни милијарди, кои ги добива поради надградбата на мрежата за производство на еколошка струја. Според гледиштето на Комисијата на ЕУ, олеснувањата за индустриските претпријатија со висока потрошувачка на струја се судираат со основните принципи за фер конкурентност во Европа. Властите на ЕУ затоа отворија постапка против Германија поради сомневање за постоење на недозволиви олеснувања.

ЕУ ѝ забележува на Германија дека претпријатијата кои интензивно користат струја во голема мерка се ослободени од финансирањето на мрежата за соларни, ветерни и постројки на биомаса. Исходот од постапката за проверка, која треба да трае околу една година, е неизвесен. На крајот Брисел од германската влада би можел да бара, на пример, промена на законот за обновливи енергии или на предностите кои овој закон ги одобрува за индустријата, и да бара претпријатијата да ги вратат средствата. Германската влада по примањето на писмото има рок од еден месец да одговори на обвинувањата.

Од повратните плаќања би профитирале останатите корисници на струја, кои во моментов го кофинансираат уделот во изградбата на мрежата на обновливи енергии, кој треба да отпадне на претпријатијата - големи корисници на струја. Законот за обновливи енергии предвидува управувачите со ветерни паркови, соларни и постројки на биогас да добиваат 20 години гарантирано утврдени приходи. Нив ги плаќаат потрошувачите, исто како и трошоците за олеснувањата за индустријата, со учество преку цената на струјата.

Германската канцеларка Ангела Меркел ја предупреди Комисијата на ЕУ од преземање на престроги мерки против олеснувањата за германските претпријатија. Новата германска влада нема да прифати заслабнување на германската индустрија и губење на работните места.

„Герамнија сака да остане силна индустрија, нам ни се потребни конкурентни претпријатија“, изјави Меркел денеска пред Бундестагот во нејзината владина изјава во пресрет на самитот на ЕУ.