1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-Србија: Најтешките поглавја на почетокот

Марина Максимовиќ/Марта Таневска25 септември 2013

Експертите на Европската комисија во Брисел и ги претставуваат на делегација од Србија европските правни придобивки во областа на поглавјето 23 од пристапните преговори.

https://p.dw.com/p/19oBf
Фотографија: AP/Montage DW

Со длабока анализа на европските закони во областа на правосудството, борбата против корупцијата и основните човекови права Србија прави технички чекор на патот кон преговори за членство во Европската Унија. Денешниот (25.09) состанок во Брисел е прв во серијата на таканаречени „објаснувачки скрининзи“ кои ќе се повторат за секое од 35. поглавја за преговорите за членство. Веќе следниот месец почнува скринингот во областа на правдата, безбедноста и финансиската контрола, а се очекува аналитичкиот преглед на целокупното законодавство на ЕУ да трае помеѓу 18 и 21 месец.

Шефицата на преговарачкиот тим на Србија, Тања Мишќевиќ, која ја предводи делегацијата од 60 претставници на различни државни институции во Србија, оценува дека почетокот на скринингот за Србија е всушност „техничко отворање на преговорите“: „Тоа што нас не очекува е процес на учење. Мора точно да ни биде познато секое правило кое го има ЕУ во оваа област за тие кои се занимаваат со ова јасно да размислат што е тоа што правниците го нарекуваат ’духот на правото’ односно што се сака да се постигне со еден таков стандард во ЕУ.“

Претстои „експланаторен“, па „билатерален“ скрининг

Работните групи од Србија кои во Брисел ќе присуствуваат на ескпланаторните скрининзи веќе најавуваат дека нема само да „седат и да ги слушаат“ европските експерти, туку дека уште отсега имаат голем број на прашања кои ќе ги постават и претстават на Европската комисија. „Сите ние, вклучувајќи ме и мене, мораме многу да слушаме, прашуваме и бараме дополнителни објаснувања во секој од најмалите стандарди, не само во областа на правосудството туку и во други области“, вели Мишќевиќ.

Самиот процес на скрининг на европското законодавство, може да трае и преку година и половина. По „експланаторниот“ претстои и „билатерален“ дел каде овој пат делегацијата на Србија ќе ги претставува законите на својата земја пред Европската комисија, а потоа заедно ќе се утврдуваат разлики. Усогласувањето на целокупното законодавство ќе биде предмет на повеќегодишни преговори за членство кои би требало да почнат следната година.

Направен првиот чекор, следниот на почеток на октомври

Европската унија, поучена од претходни искуства, најтешките поглавја 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, ги префрли од крајот на почеток оставајќи простор да се разговара за нив за време на целиот тек за преговорите за членство. Во случајот на Србија и поглавјето 35, кое се однесува на нормализација на односите со Косово ќе биде покренато меѓу првите. Веќе на почетокот на октомври се очекува нов експланаторен скрининг, овој пат за членовите 24 и 31, кои се однесуваат на слободата, безбедноста и финансиската контрола.