1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ треба да биде веродостојна кон Турција

Бернд Ригерт9 ноември 2006

ЕК вчера го објави извештајот за напредокот на Турција во европската интеграција.Во него пред се имаше критики:кипарскиот спор не е решен,има премалку слобода на мислењето и на религијата,војската е премногу моќна,правосудството не доволно независно.Напорите на Турција за пристап не се доволни,коментира Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/Advw
Фотографија: AP

Европската комисија не се реши на јасна одлука.Во овој т.н. извештај за напредокот недостасува препорака: дали преговорите за пристап на Турција кон Унијата да продолжат или да прекинат.Проблемот треба да го решат шефовите на држави и на влади на самитот во средината на декември.Времето дотогаш Турција и Кипар треба да го искористат за да го разрешат спорот околу признавањето на Кипар како членка на ЕУ од страна на кандидатот Турција.Дали тоа ќе успее,не е извесно.

Двете страни треба да попуштат,Турците повеќе отколку Кипар.Крајно,Турција повеќепати вети дека индиректно ќе ја признае островската република преку отворање на своите пристаништа и аеродромите за кипарските бродови и авиони.Пристапните преговори на Турција веќе двапати речиси пропаднаа поради нерешеното кипарско прашање. Тогаш ситуацијата ја спасија само делумно гротескните компромисни формули.Се чини дека сега повторно е на повидок вештачка формула,која нема да го реши суштинскиот проблем,обединувањето на Кипар.Откако пропадна планот за тоа подготвен од ОН поради грчкиот дел од Кипар,не постоеше ниеден посериозен обид за решение на кризата.

ЕУ мора сега да остане истрајна и да бара исполнување на ветувањата.Турција реагира,покажа досегашното искуство,само во последна минута и под силен притисок.Во нужен случај треба да бидат прекинати преговорите за пристап,за ЕУ да не ја згуби веродостојноста.Ваков чекор навистина би бил удар за Турција,како и за ЕУ,која како и порано сака да ја прими Турција,но не би бил катастрофа.На Турција повеќе и треба ЕУ,отколку што на ЕУ и е потребна Турција.Земјата нема веднаш да биде насочена кон исламскиот табор,како што стравуваат заговарачите на приемот.Крајно,Турција е поврзана со запад преку НАТО сојузот и самата се гледа себеси како лаицистичка држава.Прекинот на преговорите,кои и без тоа се предвидени на десет или повеќе години,би бил оздравувачки шок за владата во Анкара.

Однесувањето на ЕУ нема ништо со наводно навредување на Турција,како што пишува еден турски весник.Ваква националистичка реторика му противречи на европскиот дух.Недоволните реформи и постојните дефицити во Турција се за жалење,но сами за себе не се причина за прекин на преговорите.Зашто,приближувањето кон ЕУ во другата фаза треба да води кон натамошни реформи.

Со нејзиниот крут став Турција им олеснува на противниците на нејзиниот прием во ЕУ,кои се кријат зад кипарскиот конфликт.

Следната година проблемот на маса ќе го има германската канцеларка Ангела Меркел како претседател на Советот на ЕУ.Во ова прашање таа уште сега е како парализирана,зашто нејзината коалиција од СПД,ЦДУ и ЦСУ е непомирливо поделена околу пристапот на Турција во ЕУ.Пореална шанса за продолжување на преговорите за прием значи ќе има најрано во втората половина на 2007 година,кога претседавањето со ЕУ ќе го преземе Португалија.