1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја доведува во прашање поблиската соработка со Украина

СН/АТ/ртр/дпа/мф28 април 2012

Поради односот кон опозициската политичарка Јулија Тимошенко, Украина се’ повеќе запаѓа во изолација.

https://p.dw.com/p/14mUn
Фотографија: Reuters

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе го стави под знак прашање натамошното приближување на Украина кон Европската унија. Ако владата на претседателот Виктор Јанукович има намера да ја склучи посакуваната Спогодба за стабилизиација и асоцијација со Европската унија, мора да се придржува на законите и на демократијата, изјави Филе за германскиот весник „Велт ам Зонтаг“.

Слична изјава за весникот „Билд ам Зонтаг“ даде и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц. Според него земјите кои со ЕУ сакаат да потпишат таков договор мора да ги почитуваат европските вредности. Претседателот на германската Социјалдемократска партија Зигмар Габриел пак упати повик до европските политичари да ги бојкотираат натпреварите од претстојното Европско фудбалско првенство што ќе се играат во Украина.

Тој смета дека состојбата во која се наоѓаат човековите права во Украина го доведуваат во опасност Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и оваа земја.

Одложен новиот процес против Тимошенко

Во Украина пак е одложен новиот процес против затворената поранешна премиерка Јулија Тимошенко, која е обвинета за затајување данок. Според медиумски извештаи процесот во градот Харков започнал во отсуство на Тимошенко, која боледува и штрајкува со глад в затвор, но набргу потоа бил одложен за 21. мај. 51- годишната Тимошенко се жали на силни болки на рбетниот столб. Пред повеќе од една недела таа стапи во штрајк со глад во знак на протест поради условите во затворот.

Од друга страна претседателот на Украина Виктор Јанукович денеска изјави, дека не ја исклучува можноста, оти вчерашните експлозии во индустрискиот град Дњепропетровск претставуваат обид да се дестабилизира ситуацијата во земјата.

Ukraine Bombenexplosion in Dnjepropetrowsk
Сцена по експлозиите во ДњепропетровскФотографија: AP

„Да не се дозволи нешто слично во иднина, тоа е нашата главна задача денес“, изјавил претседателот Виктор Јанукович, додавајќи, дека е многу важно истрагата да ги разјасни причините за овие напади, бидејќи можеби според него станува збор за обид за дестабилизација на ситуацијата во земјата.