1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја извезе својата криза на Балканот

Панајотис Купаранис/Б. Георгиевски3 декември 2013

Финансиската и економската криза во ЕУ тешко ги погоди балканските земји. Нивната голема зависност од ЕУ и големите буџетски дефицити оставаат малку простор за надеж во подобрување на состојбата.

https://p.dw.com/p/1ARlF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред избувнувањето на економската криза во ЕУ, грчките банки беа важен финансиски фактор на Балканот. Во над 1.900 филијали вработени беа околу 23 илјади работници, кои имаа на располагање околу 70 милијарди евра. Заедно со австриските и италијанските финансиски институти, со околу 15 проценти од вкупниот банкарски капитал на Балканот, тие беа важна поддршка за домашните стопанства. Пет години по почетокот на финансиската и економска криза во Грција нештата се поинакви, вели Франц Лотар Алтман, професор на Европски студии на Универзитетот во Букурешт. И покрај тоа што странските филијали работеа профитабилно, поради лошата финансиска состојба во матичната земја, грчките банки се‘ повеќе го извлекуваат капиталот од нив. „На тој начин се зголемува кредитната криза во тие земји“, вели Алтман.

Но тоа не е единствената неволја за регионот. Во суштина, западниот Балкан со сета сила е погоден од економската и финансиската криза во ЕУ. Причина за тоа е економската поврзаност со ЕУ. Две третини од трговијата на земјите од западниот Балкан се одвива со земји од ЕУ. Намалениот извоз во тие земји, падот на странските инвестиции и намалените дознаки на иселениците доведоа до негативен економски раст. Последиците за луѓето се катастрофални. Речиси една третина од населението во западниот Балкан живее во сиромаштија, невработеноста ги достигна грчките „височини“, емиграцијата се засилува.

Шанса за структурни реформи

Токму ваквата судбина регионот сакаше да ја избегне кога се ориентираше кон ЕУ. Сега доживеаја, токму ЕУ со својата криза да предизвика и криза во западниот Балкан, смета Милица Делевиќ, генерален секретар на Европската банка за обнова и развој во Брисел. На ваквата изјава никој не противречеше на конференцијата на Здружението на Југоисточна Европа и Фондацијата Фридрих Еберт во Берлин. Без приговор мина и заклучокот на Делевиќ дека кризата доведе до тоа, фокусот на ЕУ да се насочи кон сопствената економска и финансиска криза. Сѐ додека некој е зафатен со сопствените проблеми, му останува малку време да размислува за нешто друго“. Овој процес нема да има влијание врз земјите од западниот Балкан, но тие можат да се обидат, да ја искористат ситуацијата како шанса за структурни реформи.

Milica Delević
Милица ДелевиќФотографија: DW

Последиците од увезената криза се уште потешки затоа што регионот има сериозни структурни недостатоци. Приватизацијата сѐ уште не е секаде завршена, социјалните системи се неефективни, а бирокатијата и политиката ги кочат реформите.

ЕУ да биде уште построга

Важно за економскиот развој е и нивото на образование. Но, токму тоа ниво во однос на западно-европските држави е ниско, вели Гералд Кнаус, директор на невладината „Европска иницијатива за стабилност“. Ниту високиот број на новоформирани универзитети не ја подобри состојбата. Истото се однесува и на професионалното усовршување. Стручните училишта, речиси насекаде на Балканот, важат за „училишта за неуспешни“. Клаус смета дека образованието и стручното усовршување мораат да се ориентираат кон потребите на економијата, со што ќе им се овозможи на претприемачите да го насочат своето производство на извоз. Основен предуслов за тоа е политичките и образовните елити во овие земји да расчистат со тоа и да решат во кој правец ќе се развива нивната земја во следните 10, 15 години и на кој начин. Но, таква визија недостасува.

Milica Delević
Гералд КнаусФотографија: DW

При своите посети на регионот, Гералд Кнаус дошол до заклучок дека не само кај политичките елити, туку и кај менаџментот преовладува „непријателски бизнис став“. Таквиот однос не им дава доверба на инвеститорите кои сакаат да се ангажираат во западниот Балкан. Тоа важи и за претприемачите со потекло од регионот кои успеале во странство. Тие се плашат да го преземат ризикот и да инвестираат во шумарството во Босна и Херцеговина, во текстилната индустрија во Албанија, или во прехранбената индустрија во Македонија.

Важна улога во промената на ваквата поставеност може да игра ЕУ. Таа мора далеку појасно, одошто беше досега случај, да дефинира што треба да обезбеди државната управа за економијата да се регулира согласно европските норми. Годишните извештаи за напредокот на ЕУ- кандидатите во иднина мора да бидат поконкретни и покритични. Тие не треба да се користат за залулкување. Напротив, само на тој начин може да им се помогне на балканските земји да изградат конкурентна и извозно ориентирана економија.