1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја поздравува идејата за формирање „балкански Бенелукс“

ЕМФ/миа17 јули 2012

Европската унија ја поздравува идејата за формирање на балкански Бенелукс, односно економско и политичко здружување на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора.

https://p.dw.com/p/15Z15
Фотографија: Getty Images

Здружувањето, како што се вели во одговорот на канцеларијата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе на прашањето на дописникот на МИА за тоа како ЕУ гледа на оваа идеја за „балкански Бенелукс“, би придонесло за поголема соработка и однос меѓу земјите во овој регион.

„Ние сме апсолутно за секакво здружување и заедничко делување на земјите, посебно што веќе имаме позитивен пример со формирањето на Вишеградската група и на одамна постоечкиот Бенелукс. Тоа во случајот со можноста за формирање на унија меѓу балканските земји, само би придонсело за поголем развој на овој регион и економско-политичка соработка меѓу земјите“, истакна портпаролот на Филе, Петер Стано.

Peter Stano Pressesprecher der EK für Erweiterung und Nachbarschaftspolitik
Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширувањеФотографија: European Commission

Сепак, Стано ја отфрла можноста земјите што би го сочинувале балканскиот Бенелукс, а кои се‘ уште се надвор од ЕУ, заеднички во пакет да влезат во Унијата.

„Секое пристапување и влез во ЕУ е посебно, без разлика дали кандидатите за членство веќе се во некаква друга унија. Влезот зависи од спецификите на секоја држава одделно и нејзините постигнувања во исполнувањето на целите на Унијата и задачите што се поставени во пристапниот дијалог“, додава Стано, уште еднаш потврдувајќи дека Европската комисија и ЕУ поддржуваат здружување на земјите од европскито континент.

Македонскиот министер за економија Ваљон Сараќини и албанскиот премиер Сали Бериша на почетокот на месецов во Тирана констатираа дека балкански Бенелукс би го проширил пазарот. „Ваков концепт на соработка имаат скандинавските земји, на пример, како и земјите на Бенелукс, токму во делот на слободен проток на услуги, човечки ресурси и капитал. Според мене, регионалното поврзување без политички предзнак, туку како повисока форма на економска соработка, е позитивно и е во функција на забрзување на евроинтегрирањето“, рече тогаш Сараќини.