1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја потврди забраната за тестирање на козметички производи врз животни

Луиза Фреј/Марта Таневска12 јули 2013

Новата регулатива на Европската унија за козметика наложува забрана за рекламирање на козметиката во чие производство е спроведено тестирање врз животни. Активистите за заштита на правата на животните реагираат воздржано

https://p.dw.com/p/196M4
Фотографија: Ärzte gegen Tierversuche e.V.

Од 11 јули во сила е нова регулатива на Европската унија за козметичките производи. Со таа одредба и‘ се забранува на козметичката индустрија тестирање врз животни. Исто така се забранува и рекламирање на производите во чие производство се спроведувале експерименти врз животните. На тој начин ЕУ сака да ги спречи произведувачите кои своите производи ги тестираат на животните, тоа да го прават надвор од ЕУ.

„2013 година е пресврт и политичка победа“, вели Имела Рудел, техничка директорка за експерименти врз животните во Германската организација за заштита на животните. Но противниците на тестирањето врз животни се` уште го немаат постигнато тоа кон кое се стремат, а тоа е целосна забрана на тестирањето врз животни.

Регулативата на ЕУ дозволува голем број на исклучоци

И Рудел и Силке Биц, биолог и гласноговорник на невладината организација Лекарите против експерименти врз животните, се жалат дека новите правила се` уште имаат бројни недостатоци и дупки. Поради тоа што забраната важи само во Европа, се создава парадоксална ситуација: произведувачите во одредени околности мораат да вршат експерименти врз животните, дури и кога самите тоа не го сакаат.

„Доколку некоја европска компанија сака своите производи да ги продава, на пример во Кина, мора да спроведе тестирање врз животни бидејќи во Кина тоа е пропишано од надлежните институции“, вели Биц.

Hoffnung für Arthrose-Patienten
Произведувачите во одредени околности мораат да вршат експерименти врз животните, дури и кога самите тоа не го сакаатФотографија: picture-alliance/ dpa

Таа го критикува и тоа што забраната се однесува само на козметичките производи. Кога некоја состојка се користи во други производи, како на пример детергенти, тоа е вклучено под тестирање хемикалии. Тогаш таа состојка се тестира и врз животни. „Козметичката индустрија тогаш смее да ја користи таа состојка затоа што всушност не била тестирана врз животни за козметички цели“, додава Рудел.

Во регулативата има и исклучоци. Експериментите врз животни може да ги одобри Европската комисија во случај кога некоја важна состојка, која не може да се замени со друга, содржи супстанци кои би можеле да бидат штетни по здравјето. Тоа пред се‘ важи за канцерогените супстанци и супстанци кои му штетат на репродуктивниот систем.

Недостаток на алтернативни методи

Ни производителите не се задоволни со прописите. „Уште долго нема да има на располагање алтернативни методи на тестирање“, вели Бригит Хубер, заменик раководител за естетска козметика во Сојузот на индустрии за нега на телото и детергенти (IKW).

Активистите за правата на животните признаваат дека методите без тестирање врз животните се во фаза на развој. Сепак, Биц се жали на недостатокот на одлучност за промовирање на такви методи. Тоа се гледа и во инвестициите кои стојат на располагање. Изградбата на една лабораторија за тестирање врз животните чини 80 милиони евра. Истражување без тестирање врз животните е многу поевтино. Кога повеќето пари собрани од данокот би се насочиле во тој сектор на истражување, напредокот би бил видлив побрзо, тврди активистката за правата на животните.

Tierversuche für Kosmetika Silke Bitz von Ärzte gegen Tierversuche e.V.
Силке Биц: „Никогаш не се знае дали луѓето ќе реагираат како животните или целосно спротивно“Фотографија: Ärzte gegen Tierversuche e.V.

Резултатите не можат да се применат на луѓето?

Кога состојките се тестираат врз животни, секогаш постои ризик кој не може да се пресмета, за тоа дали резултатите може да се применат на луѓето, вели биологот Биц. „Никогаш не се знае дали луѓето ќе реагираат како животните или целосно спротивно“, вели таа и додава дека го поддржува истражувањето клетки во лабораторија, со таканаречените ин витро модели.

Последниве години има обиди, за истражувањата да се користат човечки клетки. Веќе постојат типови на кожа со кои се докажува постоењето на честички кои ја надразнуваат кожата. Веќе неколку години постои можност од матичните клетки на возрасни луѓе, со репрограмирање, да се генерираат таканаречени мултипотентни матични клетки, од кои потоа може да се произведат различни типови на човечки клетки. „Такви клетки се подостапни, а не претставуваат голем етички проблем“, вели Мајкл Елгешлегер, вработен во германскиот Центар за документација и процена на алтернативни и комплементарни методи за тестирање врѕ животните (ZEBET).

Активистката за права на животните, Рудел, ги критикува бирократските пречки: Условите за одобрување на методи со кои не се тестираат производите врз животни, се` уште е тешко да се исполнат. Елгелшлегер вели дека постапката за одобрување мора да пројде низ ригорозни контроли. Најпрво, научниците ги испитуваат новите методи со кои се потврдува способноста за репродукција и значење. Потоа новите техники мора да бидат законски одобрени.

Ergänzungsmethoden zum Tierversuch
Алтернативните методи за тестирање во козметиката се тешко остварливиФотографија: Bundesinstitut für Risikobewertung

Главна цел: укинување на сите експерименти врз животните

Само во Европската унија за научни цели годишно се користат околу 12 милиони животни. Во последно време тој удел е многу низок во козметичките истражувања: само 0,02 отсто или 2 илјади животни годишно. Според тоа, козметичката индустрија може да биде движечка сила за развој на алтернативни методи, смета Рудел.

„Методите на тестирање без експерименти врз животните може да се користат и за други хемикалии, лекови и многу повеќе од тоа. Така би се намалил и бројот на експерименти врз животните и во другите области. Наша крајна цел е укинување на сите тестирања врз животните“, вели Рудел... Меѓутоа, тоа ќе биде тешко да се постигне. Тестирањата врз животните посебно се важни за медицинските истражувања. Тоа најверојатно во блиска иднина нема многу да се смени.