1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ќе испраќа набљудувачка мисија во Грузија

Кристофер Плас15 септември 2008

ЕУ во Брисел ќе решава за испраќање европски набљудувачи во Грузија. Русија не прифаќа тие да бидат ангажирани и во Јужна Осетија и Абхазија, а протестира и против самитот на НАТО закажан во Тбилиси

https://p.dw.com/p/FICp
Грузија и натаму предизвикува несогласувања на релација ЕУ, НАТО и РусијаФотографија: AP Graphics/DW

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска треба да дадат виза за старт на европската набљудувачка мисија во Грузија, која ќе брои околу 200 луѓе. Нивната главна задача: контрола на примирјето, мисијата е патем невооружена:

„Подготвени сме да испратиме мисија од ЕУ, а од германска страна да учествуваме во неа, давајќи придонес за стабилизирање во регионот,“ изјави германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер. Во набљудувачката мисија ќе бидат 40 луѓе од Германија, но не војници, туку веројатно полицајци.

Спорно е каде ќе имаат пристап набљудувачите

Испраќањето на мисијата е неспорно, но постои спор каде ќе биде таа ангажирана. ЕУ и натаму сепаратистичките региони Абхазија и Јужна Осетија ги смета за дел од Грузија. По таа логика, набљудувачката мисија на ЕУ треба да има пристап и до двата отцепени региони. Но, Русија ја призна нивната независност. Без согласност на владите на Абхазија и Јужна Осетија набљудувачите од ЕУ не смеат во овие области, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Францускиот претседател Никола Саркози при неговата посета на Москва пред една недела не успеа да издејствува никакви гаранции на ова тема.

NATO Generalsekretär Jaap de Hoop Scheffer
Јаап де Хоп Шефер: не ја разбирам МоскваФотографија: AP

Околности, кои го иритираат генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер:

„Москва не може да рече дека го почитува територијалниот интегритет на Грузија и во истиот момент да потврди дека останува со трупи од 6 до 7 илјади војници во Абхазија, тоа не оди едно со друго. Јас не го разбирам тоа и не верувам дека ЕУ ќе го прифати.“

НАТО со поостар курс

Додека ЕУ по ова прашање има обзири кон Русија, НАТО постапува поинаку. Алијансата закажа самит за денеска во главниот грузиски град Тбилиси. Планирано е формирање посебна Комисија Грузија НАТО, која треба да го забрза приемот на земјата во сојузот. Русија протестираше. Генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер меѓутоа потсетува на основниот заклучок од последниот самит во Букурешт во поглед на Грузија:

„Претседателите и шефовите на влади на земјите од НАТО решија дека Грузија ќе стане членка на Алијансата. “

Кога Грузија ќе го добие т.н. Акционен план како претчекор за идно членство, останува отворено прашање, за кое во НАТО нема согласност. Додека САД притискаат, Германија и Франција кочат. Русија во никој случај не сака да дозволи прием на Грузија во Алијансата.





Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема