1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ќе отвори ново поглавје во преговорите со Турција

ЕМФ/дпа/ртр25 јуни 2013

Првпат по цели три години ЕУ ќе отвори ново преговарачко поглавје со Турција. Преговорите за сферата регионална политика ќе почнат во октомври, откако ќе биде поднесен извештајот на ЕК за напредокот на Турција.

https://p.dw.com/p/18vU6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска (25.06) во Луксембург се договорија за продолжување на преговорите со Турција за приклучување. Пред да почнат преговорите за ново поглавје, од страна на Европската комисија треба да биде поднесен годишниот извештај за состојбата во Турција. Тоа е реакција на ЕУ на насилството употребено против демонстрантите во Турција. Германија, Австрија и Холандија поради однесувањето на турската влада против демонстрантите пружаа отпор на намерата денеска да биде отворено поглавје во преговорите со Турција. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле сега одлуката на министрите ја оцени како „добро решение во тешка состојба“. Неговиот луксембуршки колега Жан Аселборн претходно рече дека ваквото решение - согласност за преговори за ново поглавје, но нивно отворање дури откако ќе биде поднесен извештајот за напредокот на земјата, покажува дека ЕУ верува и натаму во напредок во преговорите за прием на Турција во Унијата, но истовремено реагира на случувањата во таа земја.

EU-Außenministertreffen in Luxemburg
Кетрин Ештон и Гидо Вестервеле во ЛуксембургФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Ваквото решение, инаку, било предлог на Германија. Министерот Вестервеле за тоа разговарал со турскиот колега Давутоглу. Преговорите на ЕУ со Турција се блокирани веќе три години. Досега е затворено само едно од вкупно 35 поглавја во преговорите за приклучување, а околу десетина поглавја се отворени. Последното беше отворено во 2010 година.