1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ештон во Приштина ќе ја објаснува суштината на договорот

Зулфија Јакупи/Б. Георгиевски14 март 2013

Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон не доаѓа на Косово за да врши притисок, туку за да ги смири тензиите и да ја објасни суштината на предвидениот договор со Србија, оценуваат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/17xBV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон доаѓа во Приштина за на сите политички фактори да им ја објасни суштината на договорот кој треба да се постигне со Белград, смета политичкиот аналитичар Азем Власи. Тој очекува дека Ештон ќе гарантира дека со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство нема да биде нарушена уставната структура на Косово.

„Таа треба да пружи гаранции дека какво било решение во врска со таа заедница на северот на Косово нема да ја наруши внатрешната уставна структура на Косово, ниту ќе се бараат некакви посебни, дополнителни нормативни акти. Треба да се најде едно решение кое ќе биде доволно да се смират тензиите во Косово, а Србите да почнат нормално да се интегрираат во уставниот систем на земјата“, вели Власи.

Според очекувањата на аналитичарот Неџмедин Спахиу, Ештон ќе се обиде да ја убеди Приштина дека треба да се постигне договор со Белград. Но Спахиу смета дека на Косово и на Србите не им е потребна заедница на општини со српско мнозинство.

„Српската заедница во обидот да се заштити и да ги брани своите интереси, всушност се барикадира, односно сака да создава институции кои ќе ја дефинираат нејзината положба. Јас мислам дека тоа воопшто не и оди во прилог на српската заедница, бидејќи многу повеќе би добиле со целосно интегрирање“.

Не е важен каков, важно е да има договор

Азем Власи вели дека Ештон не доаѓа за да врши притисок и се очекува по нејзината посета на Приштина да стане малку појасно и за што разговарала со српскиот државен врв во Брисел. Власи не верува дека на следниот закажан состанок меѓу Белград и Приштина на 20 март ќе биде постигнат договор.

Спахиу оценува дека за ЕУ не е толку важно каков ќе биде договорот меѓу двете држави, туку е битно договор да се постигне.

„Повеќе е важно Белград да остане во сферата на влијание на западот, а не да се сврти кон Москва. Деталите од договорот се поважни за Белград и за Приштина, но најважно е да се дојде до некој договор и да се тргне натаму, а не да се стои, веќе 14 години, во иста точка, што е на штета не само на Косово, туку и Србија“, вели Спахиу.