1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желби за здравје, среќа, успех, бериќет...

7 јануари 2011

Во Македонија се празнува Божик, најголемиот христијански празник. Политичарите на верниците им посакаа подобра година, верниците на политичарите - да ја чуваат Македонија!

https://p.dw.com/p/QomC
Централната литургија се одржа во Соборниот храм во СкопјеФотографија: DW

Верниците велат дека Божик е најрадосниот празник во годината. Си пожелуваат здравје, среќа, успех, се молат за подобра иднина. Во сите храмови се одржаа утрински литиргии, централната, каде божиќно послание испрати поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, се одржа во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Присуствуваа голем број верници. Си го честитаа празникот меѓу себе.

Од пред некоја година политичарите редовно одат в црква на големите верски празници. Така беше и денеска. Комплетниот државен врв и по некој опозиционер ја ислушаа Златоустовата литургија. На шефот на државата Ѓорге Иванов му се паднала паричката.

Weihnachtsmesse in einer orthodoxen Kirche
Фотографија: picture alliance / dpa

„На сите граѓани на Република Македонија кои ги слават овие празници, кои го слават Христовото раѓање - Божик им посакувам да имаат радост, среќа и успех во животот. Овие моменти се кога сите си посакуваме да бидеме многу посложни, да бидеме сплотени, како што вели и нашата традиција, тогаш можно е да се исполнат сите наши цели што сме ги поставиле пред нас“, рече претседателот Иванов.

Да ја заборавиме кризата им посака на верниците премиерот Никола Груевски.

„Да биде последна година кога воопшто ја споменуваме светската економска криза и таа да исчезне засекогаш, или барем во наредните 80 години, бидејќи таа не се појавила 80 години. Да имаме напредок, да имаме сплотеност и државата да ни‘ оди напред, да одиме сите напред“, порача Груевски.

Верниците секој празник ги слушаат пораките на политичарите. Дојче Веле ги праша што би им порачале тие на политичарите.

„Да ја чуваат Македонија...!“

Во божикното послание подобра година посака поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска