1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желева во „вкрстен оган“

13 јануари 2010

Идниот еврокомесар за проширување и соседска политика на ЕУ, Чехот Штефан Филе, без многу бука го помина сослушувањето во Европскиот парламент. Побурен беше настапот на контроверзната кандидатка - Румјана Желева.

https://p.dw.com/p/LUWu
Румјана ЖелеваФотографија: Europäisches Parlament

Иако на Чехот Штефан Филе му беше забележано во неколку наврати за неговото комунистичко минато, се‘ на се‘, европратениците беа задоволни од неговата кандидатура. Тие се свесни дека кандидатите се под огромен притисок и се уверени дека Штефан Филе ќе се покаже во многу подоборо светло откако ќе ја преземе функцијата комесар. Тој по сослушувањето одржа и кратка прес конференција на која му беше поставено прашањето – како ќе се соочите со проблемот за името меѓу Грција и Македонија, на што тој повторно даде воздржан одговор, потсетувајќи дека топката е во рацете на Скопје, Атина и Њујорк:

Stefan Füle
Штефан Филе: топката е во рацете на Скопје, Атина и ЊујоркФотографија: AP

„Се надевам дека Македонија ќе започне со преговорите што е можно побрзо. Ставот на Комисијата е јасен. Патот по кој Македонија треба да тргне во поглед на членството е слободен. Топката е во рацете на политичарите од двете земји - Македонија и Грција“, рече Филе.

Тешки обвинувања на сметка на Желева

Настапот на Румјана Желева беше побурен. Веднаш по објавувањето на нејзината кандидатура минатата година, пристигнаа низа обвинувања за конфликт на интереси и вмешаност на нејзиниот сопруг во организираниот криминал. Се работи за фирмата „Глобал Консалт“ во која Желева се води како менеџер во време кога била избрана за европратеник. За вработените во европските институции е строго забрането да вршат каква билодополнителна фунцкија, стопи во правилниците. Опозицијата во Бугарија тврди дека Желева е регистрирана како менеџер на фирмата до април 2009. Нејзиниот сопруг, пак, е обвинет за мрачни врски со руската мафија преку фирмата „ТИМ“ од Варна, обвинуваат бугарските социјалисти. Желеви се, инаку, многу блиски со бугарскиот премиер Борисов.

Желева демантира

Желева во повеќе наврати одговори дека тоа не е прашање за сослушувањето и се обиде да го убеди Европарламентот дека бугарските институции утврдиле дека нема конфликт на интереси.

„Бидејќи сум овде денеска и немам што да сокријам од вас и нема прашање на кое не сакам да одговорам. Јас сум јавна личност од 2007, пријавив се‘ што морав да пријавам, и дозволете ми да ви кажам дека сите обвинувања против мене или мојот сопруг се целосно неосновани и мислам дека сега треба да се сконцентрираме на темата на ова сослушување.“

Ескалација на дебатата

Но, ни тоа не помогна. Дебатата ескалираше, а кандидатката Желева ја обвини својата сограѓанка, пратеничката Антонија Прванова. дека од неа потекнуваат лажните обвинувања.

Rumiana Jeleva EU Kommission
Желева ги демантира обвинувањатаФотографија: AP

Пратеничката побара збор и објасни...

„Бидејќи моето име беше споменато овде, морам да кажам дека е точно, дека од мене беше побарано да доставам информации. Она што госпоѓата Желева го кажа овде не е вистина. Ако го погледнете официјалниот профил кој таа го поднесе пред оваа инстутиција, ќе видите дека се вели оти таа била активна во таа компанија од 2001 до 2003, а потоа од 2006 до 2007, што не е вистина. Таа беше менеџер на компанијата од 14 јуни 2006 до 9 април 2009. Во Бугарија постојат закони кои велат дека во вакви случаи се прекршуваат правилата и дека пратеникот не смее да ја преземе својата функција. Притоа, оваа компанија беше продадена, но всушност таа не беше продадена туку беше преименувана, а 60% од акциите и‘ припаѓаат на госпоѓата Желева. Ова се официјалните податоци кои беа анализирани и во „Фајненшл Тајмс“ денеска и кои се објавени. Значи не мислам дека сум направила нешто лошо, јас само ја пренесов оваа информација до ЕК за да избегнеме непријатности во иднина. “

EU Parlament Plenarsaal
Европскиот парламент има моќ да отфрли кандидати за ЕКФотографија: picture-alliance/ dpa

Откако прашањата за бизнисите на Желеви станаа побројни од оние за работата на кандидатката, престедателката на комитетот побара од ЕК да достави комплетно досие на кандидатката, а координаторите на групите во ЕП свикаа итен состанок по сослушувањето доцна вчера.

ЕП има намера во наредните недели темелно да ги проверува сите детали пред конечно да одлучи дали Желева е достојна за фунцкијата еврокомесар. Освен нејзините наводни врски со организираниот криминал во Бугарија, на Желева и‘ се забележува и лошото познавање на англискиот јазик. Во текот на сослушувањето на Желева и‘ беа поставени низа конкретни прашања за тоа како планира да ја координира хуманитарната помош во кризни подрачја како африканските земји или Газа, но пратениците не се покажаа задоволни од одговорите и на Желева и префрлија дека нема прецизна и јасна визија за својот портфељ.

Европскиот парламент има моќ да отфрли кандидати и тоа го има сторено веќе два пати во 2004 година.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска