1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желев за ДВ: Скандалозно е една земја да го определува името на соседната

15 јануари 2010

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во претседателската резиденција Водно го одликуваше поранешниот претседател на Бугарија Жељу Желев со Орден „8 Септември“, највисоко државно одликување на Р. Македонија.

https://p.dw.com/p/LWRF
Жељу ЖелевФотографија: dpa

Одликувањето на Желев му се доделува за исклучителни заслуги за признавањето на независна и суверена Република Македонија од страна на Република Бугарија, како прва земја, и нејзино натамошно етаблирање во меѓународната заедница, како и за развојот на севкупните односи и соработка меѓу двете држави. Жељу Желев беше претседател на Република Бугарија во периодот од 1990 до 1997 година.

Желев, денеска во интервју за Дојче веле, зборува за спорот на Македонија и Грција за името и макеоднско-бугарските односи.

Во интервју за бугарската агенција БГНЕС изјавивте дека Грција води срамна политика кон Макдонија. Како мислите дека може да се разреши спорот околу името и блокадите од Атина за македонскиот евроатлантски курс?

Желев: Треба да се најде решение за тој проблем и да се отовори патот на Македонија да стане член на ЕУ и НАТО. Став на мојот Балкански политички клуб е сите земји од регионот да бидат членки на овие асоцијации, зашто има многу отворени прашања што го обременуваат овој регион и меѓусебните односи на земјите во него. Ако тоа не се случи, тензиите и проблемите на Балканот не ќе може да се смират, се‘ додека регионот не биде целосно интегриран во евро-аталантските сојузи. Но, има и други прагматични политики во што се вбројува и изградбата на модерна инфрастурктура и поврзување, како што е коридорот осум Тирана-Скопје-Софија-Истанбул.

Господине Желев, мислите ли дека има евроспки правила, меѓународни норми од кои произлегува грчкото право за вето кое ја блокира евроагендатата на Македонија и притоа се инсистира на промена на нејзиното име?

Желев: Сметам дека такво право не смее да му се доволи никому. Нелогично и скандалозно е еден сосед да определува име на друга земја во соседството. Цивилизациска придобивка и право на еден народ е да си го определи името на нацијата и на својата држава.

И ЕУ заслужува голема критика поради нејзиниот начин на решавање на овој спор околу името. Има проблеми кои треба да се издвојат од списокот прашања кога се носат одлуки со конзенсус во ЕУ.Грција го искористи правото на вето и Македонија е блокирана од 92 година. Тогаш Европската комисија определи три критериуми за сите екс-републики од Југославија кои можат да бидат независни - да не се води војна на нивна територија, да не учестуваат во војни во други републики од екс-Југославија и да имаат демократски институции. Само Словенија и Макдонија тогаш ги исполнија овие политички критериуми, што подоцна ги потврди и Бадентеровата комисија. Грција и тогаш го блокираше патот на Македонија кон членство во меѓународните организации и 18 години води војна за името. Потоа го измислија идиотското име Поранешна Југословенска Република Македонија, но по таа логика и Словенија, Хрватска и Србија се поранешни Југо-републики, а не се нарекувааат така.

Вашите наследници на функцијата - господин Стојанов изјавуваше дека Македонија е најромантичниот дел на Бугарија, а сега претседателот Прванов вели дека во Македонија има говор на омраза. Дали мслите дека во заемните меѓудржавни односи има знаци на нетолерантност?

Желев: Јас не бев согласен со таа изјава на Стојанов. Поточно е дека Македонија е најтрагичниот дел, зашто беше јаболко на раздорот меѓу балаканските држави во долг историски период. И затоа се смешни тврдењата за романтичен дел на историјата. Каква романтика има во таква историја? Што се однесува до изјавата на претседателот Прванов, има резерви и кон таквиот став, зашто мислам дека е добро да се продолжи со политиката која Бугарија цело време ја градеше - да се брани уставното име на Македонија и таа да биде дел од евроатлантските сојузи.

Господине Желев, зошто само уште на Балканот малцинствата и митологијата се поводи за омеѓување? Дали сеуште постои балканскиот синдром на антималцинско и антицивилизациско однесување?

Желев: Тоа е остаток од војните. По секоја од нив биле земани територии и имало омраза едни кон други. Историските митови продолжуваат да се хранат од национализмите на одделни групи, партии. Како и во случајот со Грција, се води војна за митови. Таа мисли дека Александар и Филип Македонски само нејзе и‘ припаѓаат, дека се тоа нејзини историски личности. Затоа и смета дека претензиите од Македонија се неосновани и се смета дека ја загрозуваат грчката историја. Тоа е смешно, зашто Александар и неговиот татко Филип Македонски воделе војни со населението на тогашна Грција и го покориле на патот кон големата империја на Александар Велики.

Како ја оценувате политиката на антиквизација на општеството, политиката на барање на грчките, античките корени на овој дел од Македонија?

Желев: Политичарите креираат и водат реал-политика, се соочуваат со реалноста на животот, на односите што сега се на сцена. Митологијата треба да се напушти. Вистински политичар треба цврсто да стои на земја и со јазикот на политичката реалност да ги решава проблемите.

Дваесет години Македонија и Бугарија развиваат односи и никако да воспостават нормална и современа комуникација и инфраструктура. Дали е тоа резултат на отпор или е анти-расположение во двете земји?

Желев: Пред петнаесет години во Њујорк, на заседанието на ОН, шефовите на земјите од регионот договорија изградба на европски коридори низ нивните земји и со тој проект настапивме пред Европската унија. Отпорот дојде од нашите пријатели во Грција..

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска