1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170611 Frauenfußball Medien

25 јуни 2011

Mедиумите, маркетингот и пред се` Германскиот фудбалски сојуз даваат се` од себе да го направат Светското првенство во фудбал за жени што поатрактивно. Но, фудбалерките и натаму се соочуваат со голем број предрасуди.

https://p.dw.com/p/11idW
Фудбалерките привлекуваат нови фанови преку „Плејбој“
Фудбалерките привлекуваат нови фанови преку „Плејбој“Фотографија: Playboy

За многумина фудбалот и натаму претставува чисто машки спорт. Но, сфаќањето полека почнува да се менува. Едно е сигурно - женскиот фудбал е сосема различен вид на спорт. Фудбалерките не се толку брзи и силни како нивните машки колеги, затоа и споредбите меѓу машкиот и женскиот фудбал не држат.

Кај женската фудбалска репрезентација се редат трофеи еден по друг. Тие се повеќекратни европски шампиони, а двапати беа и светски прваци. Годинашново СП на домашен терен треба да биде нов поттик за женскиот фудбал. Германскиот фудбалски сојуз и медиумите веќе со месеци говорат за „летна бајка“, но реалноста не е сосема розова.

Даниела Шаф е експерт по комуникациски науки на Факултетот за спорт во Келн. Таа и нејзините колеги веќе со години го проучуваат женскиот фудбал: „Кога натпреварите се прикажуваат на телевизија, гледаноста не е голема. А, ако се погледне бројот на гледачите на стадионите, особено во женската Бундеслига, за жал мечевите се играат пред 250 присутни. Затоа надежите се големи дека преку СП во фудбал за жени ќе дојде до значителни промени и во иднина женската Бундеслига ќе биде проследувана од повеќе гледачи и женскиот фудбал ќе добие на вредност“, нагласува Шаф.

На ЕП во женски фудбал во 1989 година главната премија беше сервис за кафе
На ЕП во женски фудбал во 1989 година главната премија беше сервис за кафеФотографија: picture alliance/dpa

За споредба, натпреварите од Бундеслигата за мажи минатата година во просек ги следеа 42 илјади гледачи.

За женскиот фудбал често се вели дека е атрактивен, меѓутоа премногу бавен и со тоа здодевен. Но, има уште една работа, која не се споменува толку често: „Фудбалот е спорт, што е измислен од мажи за мажи и кој целосно се концентрира на машките предиспозиции, на машкото тело и на сите машки ритуали, што се негуваат преку фудбалот“, наглаува Даниела Шаф од Факултетот за спорт во Келн.

И коментирањето на женскиот фудбал се разликува

Фудбалот долго се обидуваше да се дистанцира од се` што е женско. Германскиот фудбалски сојуз дури го забрани женскиот фудбал во периодот меѓу 1955 и 1970 година. Кога на жените повторно им беше дозволено да излезат на терените, ретко кој им обрнуваше внимание.

Во меѓувреме, работите полека се менуваат. Сабине Тепервајн и Мартина Книф се спортски новинарки и единствените женски радио-коментаторки на машката Бундеслига. Прашањата од типот дали морале многу да се борат додека стигнат до микрофонот во професијата, доминарана од машките колеги, ги нервираат двете новинарки. Мартина Книф е самоуверена во својот настап: „Јас ги коментирам натпреварите како Мартина Книф и не имитирам ниту машки, ниту женски колеги, туку се обидувам да ги пренесам натпреварите на мој, сопствен начин“.

Таа објаснува дека коментирањето на женскиот фудбал бара презентирање повеќе информации. Ако во машкиот фудбал речам дека топката ја има Лукас Подолски, секој знае дека таа е на левата страна. Но, ако речам топката е кај Керстин Гарефрекес, ретко кој знае на која позиција игра таа, нагласува Книф.

Клишето за секси-фудбалерки

Olympia 2008 Deutschland Bronze Frauenfußball Fatmire Bajramaj
Бајрамај: Секси фудбалерка со опасен шутФотографија: AP

Тоа е уште еден аспект од фудбалот за жени, кој полека почнува да се менува - фудбалерките се се` поприсутни во германската јавност. Актуелната репрезентација е многу посамоуверена, смета Даниела Шаф, која ги анализира девојките од 2007 година: „Тука особено ќе ја истакнам Лира Бајрамај, која го оправдува клишето за секси-фудбалерка, односно спортистка, која јасно ја нагласува својата женственост. Таа на терен секогаш излегува нашминкана и со средна фризура и е застапена во јавноста и надвор од спортските извештаи. Таа има и сопствена модна линија, што ја промовира во соработка со женски магазин“, истакнува Шаф.

И можеби токму таа мешавина од женственост и остар фудбал може да го разбуди интересот и на најзакоравените машки фудбалски пуристи. Иако овогодишната „летна бајка“ не се одвива пред толку спектакуларна кулиса, како СП во машки фудбал во 2006 година, организаторите уште сега очекуваат интересирањето за женскиот фудбал во иднина да биде поголемо.

Автор: Силке Винш/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска