1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жерар Депардје во кавга со владата

ЖА/дв/дпа/афп/миа17 декември 2012

Францускиот актер Жерар Депардје е во кавга со новата француска социјалистичка влада. Таа го критикуваше неговото планирано преселување во Белгија, а Депардје сака дури да се откаже од државјанството.

https://p.dw.com/p/173fO
Фотографија: AFP/Getty Images

„Ви го предавам мојот пасош и мојата карта за социјално осигурување“, се вели во отвореното писмо на 63-годишниот актер до францускиот премиер Жан-Марк Еро.

Депардје навреден од начинот на кој беше коментирана неговата одлука да се пресели даночно во Белгија, каде на самата граница со Франција купи куќа, вчера со отворено писмо објавено во неделникот „Журнал ди диманш“ му се обрати на францускиот премиер Жан-Марк Еро.

„Јас не барам одобрување за мојот гест, но барам да бидам почитуван! Сите оние кои ја напуштија Франција не беа навредувани на ист начин како што сум јас“, пишува Депардје.

Тој потсетува дека започнал да работи на возраст од 14 години и дека секогаш ги плаќал сите даноци и давачки во Франција.

„Во изминатите 45 години платив 145 милиони евра даноци, за мене работеа 80 лица“, нагласува Депардје, иден жител на Нешан во Белгија. Тој тврди дека и понатаму ќе ги сака Французите.

Пред заминувањето во Белгија, Депардје ја даде на продажба куќата во Париз, во срцето на Сан-Жермен де Пре, која располага со 1.800 м2 односно 20 простории од кои 10 спални соби, базен, лифт, тераса и опремена кујна, како и 200 м2 градина, неодамна реновирана и со скромна цена од околу 50 милиони евра.

Повеќе медиуми, француски и странски, пишуваа по изборот на претседателот Франсоа Оланд дека најбогатите Французи бараат начин да го избегнат плаќањето на данокот, преку отселување од земјата. Француските државјани со високи примања, според желбата на новата влада, идната година треба да плаќаат данок од 74 проценти. Со тоа даночниот товар во Франција е далеку повисок отколку во другите земји во ЕУ. Во Белгија, која Депардје ја одбра за нова татковина, нема воопшто данок на имот.

Француските политичари бараат начин да ги оданочат своите државјавни кои сакаат на ваков начин да ги избегнат даноците, размислувајќи за воведување на закони слични како тие на САД, чии државјани, без разлика во која земја живеат, се даночни обврзници на САД.