1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жерновски ја обвини власта за тоталитаризам

БГ/миа12 септември 2013

Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски го осуди апсењето на членовите на граѓанската иницијатива „Паркобрани“, кои се спротивставуваа на сечењето на дрвја во централното градско подрачје

https://p.dw.com/p/19ges
Фотографија: DW

„Акцијата на полицијата во утринските часови и апсењето на ’паркобраните’, не врати во времиња за кои мислевме дека се минато. Двесте специјалци на 10 лица кои го бранеа паркот пред хотелот Бристол е доказ дека имаме работа со тоталитарна власт“, изјави Жерновски.

Ова се случуваше во утринските часови, потсети тој, во исто време кога се носеше ДУП-от кој го овозможи уништувањето на зеленилото и никнувањето на барокна зграда, и во исто време, подвлече, кога се сечеа дрвјата позади Бристол. Жерновски истакна дека продолжуваат и тој и Советот во битката во интерес на граѓаните.

Полицијата рано утрово го отстрани привремениот камп на демонстрантите и го загради делот во кој треба да се гради новиот објект на Советот за радиодифузија. Во акцијата биле приведени 10 лица кои добиле прекршочни пријави поради нарушување на јавниот ред.

СДСМ денеска го осуди апсењето на граѓаните кои се противат на изградбата на административна зграда во непосредна близина на хотелот Бристол во Центар.

„Приведените граѓани беа физички малтретирани и понижувани без никакво образложение. Како епилог единствено добија прекршочни казни за загадување на околината во износ од 50 евра. Од кога за казни од 50 евра се активираат специјалци и хермелини“, изјави Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.

Mazedonien Proteste im Zentrum von Skopje Kirche
Фотографија: MIA

ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на изјавата на градоначалникот на општина Центар оценува дека Жерновски со поддршка на СДСМ креира конфликти, наместо да ги решава проблемите на граѓаните.

„Откако е градоначалник на општина Центар, Жерновски нема сработено ништо. Граѓаните не видоа ниту едно од ветувањата, ниту еден конкретен проект од страна на Жерновски“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека на градоначалникот Жерновски му била понудена алтернатива да бидат засадени околу 10 илјади дрвца со средства од комуналиите на објектот на СРД, но оти тој ја одбил.