1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестока конфронтација во Бундестагот

Бетина Маркс / Елизабета М. Фиданоска3 септември 2013

На последното заседание на Бундестагот во овој легислативен период, на три недели пред парламентарните избори, се водеше жестока дебата за дел од најактуелните прашања во моментов.

https://p.dw.com/p/19b8k
Фотографија: picture-alliance/dpa

Завршницата на изборната борба и‘ даде печат на последната дебата во овој легислативен период. Сите говорници ја искористија можноста да ги претстават своите ставови по одредени прашања и да ги нападнат противниците.

На почетокот на дебатата канцеларката Ангела Меркел во борбен говор направи биланс на своето четиригодишно работење. Притоа, ги подвлече пред се‘ успесите на пазарот на работна сила. „Имаме најмал број невработени воопшто досега“, рече канцеларката. Таа додаде дека црно-жолтата коалиција вовела минимална плата во 13 бранши и дека се погрижила за подобрување на условите за работа на т.н. позајмени работници. Освен тоа, се подобрила и состојбата на постарите лица на пазарот на работна сила. „Ќе продолжиме исто вака“, вети Меркел. Таа ја обвини опозицијата за давање лоша слика за Германија. „Не знам зошто не можат да се радуваат. Тоа е еден од нивните проблеми, што не можат да се радуваат на успесите. Тоа на луѓето не им се допаѓа“, рече Меркел.

Bundestagsdebatte Angela Merkel 03.09.2013
Меркел со најдобар говор во овој легислативен периодФотографија: picture-alliance/dpa

Нејзиниот говор, веројатно најдобар во овој мандат, беше поздравен со долг аплауз и извици „браво“ од редовите на владејачките партии.

Борбен предизвикувач

Гласна поддршка доби и кандидатот на СПД за канцелар, Пер Штајнбрик. Неговиот темпераментен говор беше постојано прекинуван со аплауз од пратениците на СПД и на Зелените. „Не успеавте“, и‘ префрли тој на Меркел. „Наместо полет има застој, наместо правец има вртење во круг, наместо дејствување има посматрање.“ Штајнбрик критикуваше дека кабинетот на Меркел е раскаран и не дејствува. Владата, според него, не презела ништо за поправање на ситуацијата во сферата на професии со ниски плати и не го помрднала застојот во инвестиции, пред се‘ во општините.

Deutschland Bundestagwahl 2013 Peer Steinbrück im Bundestag
И говорот на Штајнбрик беше прекинуван со аплаузФотографија: picture-alliance/dpa

Затоа, како што нагласи Штајнбрик, црвено-зелена влада под негово раководство ќе воведе минимална плата на ниво на цела држава и ќе ја подобри финансиската состојба на општините. „За тоа ќе зголемиме некои даноци“, најави Штајнбрик, додавајќи дека од тоа ќе бидат погодени само оние со повисоки примања, кои досега профитирале од општествените промени.

Жестоки говори на „малите“

И по дуелот на двајцата кандидати за канцелар дебатата остана остра. Шефот на пратеничката група на либералите (коалиционен партнер во владата на Меркел, н.з.) Рајнер Бридерле го обвини Штајнбрик дека води кампања „под појас“. Обвинението дека Меркел ја повредила својата заклетва во аферата со прислушување и дека не ја заштитила Германија е сосема неточно, рече Бридерле.

Врвниот кандидат на Зелените, Катрин Геринг-Екарт, од своја страна ја обвини црно-жолтата коалиција дека потфрлила во делот на социјалната политика. „За оваа црно-жолта влада Германија не е општо добро, туку е лоби-република“, рече таа, додавајќи дека власта е некомпетентна и по прашањата на енергетската политика и пресврт.

Исклучително борбен беше и говорот на шефот на пратеничката група на Партијата на левицата, Грегор Гизи. Тој на граѓаните им препорача да го дадат својот глас за Левицата зашто тоа била единствена партија која во овој легислативен период водела ефикасна опозициона политика. Таа се залага во време на еврокриза да не профитираат банките, туку да бидат спасени заштедите на граѓаните и земјите од Јужна Европа да не бидат и натаму водени во сиромаштија со политика на штедење, рече Гизи.