1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жешки глави-смирувачки тонови

29 септември 2009

Во Македонија продолжуваат превирањата околу енциклопедијата во издание на МАНУ. Лидерите на ДУИ Али Ахмети и на СДСМ Бранко Црвенковски го повикаа претседателот Ѓорге Иванов да се изјасни на оваа тема.

https://p.dw.com/p/Jta3
Фотографија: Petr Stojanovski

Меѓуетничките односи влегуваат во фаза на непредвидливи притисоци и протести. За утре (30.09.09) се закажани собири на професори и студенти на двата универзитета во Тетово. На 1 октомври во Скопје, пред владата ќе се бара повлекување на Македонската енциклопедија, која го подигна нивото на напнатост меѓу владините коалициски партнери. Лидерот на ДУИ Али Ахмети ги повика премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов директно да се оградат од изданието на МАНУ. Спорните одредници во енциклопедијата треба да се решат во МАНУ, не е добро политиката да се меша во научни работи, се надевам дека овие бурни реакции во јавноста и целата ситуација ќе бидат надминати, изјави пак претседателот Иванов за косовска телевизија.

Осуда на екстремните постапки

Државниот симбол на Македонија беше запален на Косово. Македонското МНР денеска реагираше за вчерашниот инцидент на фудбалскиот натпревар меѓу „Приштина“ и „Влазними“ во Приштина. „Секој одговорен чинител во општеството би требало најостро да ги осуди ваквите екстремни постапки“, се вели во реакцијата на македонската дипломатија. „Заемната доверба и почит се градат на долг рок и секоја страна треба го даде својот придонес. Од Косово, како најмлада држава во регионот се очекува во вакви ситуации да го демонстрира својот капацитет и способност да дејствува на соодветен начин во правец на градење на добрососедски односи и развивање на регионалната стабилност“, укажува македонското Министерство за надворешни работи.

СДСМ: не се потребни нови поделби и тензии

Социјалдемокартскиот сојуз на Македонија денеска оцени дека одредени делови на енциклопедијата се спорни и неприфатливи и со својата содржина предизвикуваат нови поделби и тензии во македонското општество, како и конфронтации со најголемите пријатели и поддржувачи на Македонија во меѓународната заедница. За СДСМ, нагласи лидерот Бранко Црвенковски, се неприфатливи екстремните и радикални изјави и реакции на дел од албанските политичари од земјата и од соседството. „Со нив проблемот не само што не се решава, туку напротив, се разгорува и мултиплицира. Меѓуетничките односи се клучниот столб на кој почива внатрешната стабилност на државата“, рече Црвенковски. Тој ги повика премиерот и претседателот да се оградат од проектот на МАНУ. Познато е дека неколку академици и универзитетски професори, кои во Македонската енциклопедија ги пишувале деловите за Албанците, беа потписници на кандидатурата на Иванов за шеф на државата.

Индикативно е и активирање на радикални личности од албанската заедница. Во МАНУ се инсистира и се трага по формулаци за измени на одредниците кои го предизвикаа бесот и незадоволството кај научната јавност и кај политичките партии на албанската етничка заедница.

Автор: АЧ/АТ/миа

Редактор: Александра Трајковска