1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жешко беше времето, а пораката - млака

Коментар: Бернд Ригерт/ Превод: Жана Ацеска20 јуни 2013

Немаше извонреден говор, но американскиот претседател Барак Обама при посетата на Берлин им одржа лекција на политичарите во јавен настап, смета Бернд Ригерт во коментарот.

https://p.dw.com/p/18tLY
Фотографија: Reuters

Каков настап, каква харизма! Американскиот претседател, кој се‘уште го има младешкиот опуштен изглед, сите германски политичари ги носи во џебот. Конкуренција не можат да му бидат ниту самонаречената „швапска домаќинка“ Ангела Меркел, ни кандидатот на Социјалдемократската партија за канцелар, Пер Штајнбрик, кој во поново време клони кон напади на плач. Обама прикажа перфектно шоу, со својата насмевка и со својот шарм може секого да плени. Околу 100 дена пред изборите за Бундестагот, ѕвездата од Америка посипа малку сјај врз канцеларката и понекоја ѕвездичка врз кандидатот за канцелар, Штајнбрик. Сите сакаа да се сликаат со него.

Проблем е економијата

Германците го сакаат Обама, иако љубовта малку олади отколку пред пет години, кога за неговиот говор се собраа околу 200 илјади луѓе. Без разлика на сите различни интереси во економската политика, заштитата на податоци, војувањето со беспилотни летала или сирискиот конфликт, германско-американските односи се во најдобар ред. САД знаат дека не можат без Германија како силен партнер во Европа. На Германија и‘ е потребен најважниот сојузник, ако сака да придвижи нешто во светот. Најважната трансатлантска тема моментно е економијата: растот, работните места, трговијата во мултиполарниот свет. САД и Германија што побргу треба да го расчистат прашањето: дали економијата може да се поттикне со долгови - ала Обама или со штедење - ала Меркел. На критичарите на американското надгледување на интернет комуникацијата од страна на американските тајни служби, Обама им го зеде ветрот од едрата на прес конференцијата со јасни аргументи. Тој буди впечаток дека сериозно ги сфаќа стравувањата. Полн самодоверба, скромен, разоружувачки. Врвно дело во односот со јавноста.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Нови чекори кон атомско разоружување

Дали Барак Обама во Берлин стигна доцна или рано во неговиот мандат, е прашање кое веќе не игра никаква улога. Тој дојде, виде и победи на Бранденбуршката порта. Неговиот претходник, во Германија неомилениот Џорџ Буш, дојде петпати, но тоа не му помогна. Џон Кенеди беше само еднаш, но и по пет децении неговата посета во Германија е легенда. Важно е што и како ќе се рече нешто. Зашто, реченицата на Кенеди: „Јас сум Берлинчанец“ не можеше да ја надмине ниеден американски претседател, па ни Барак Обама. Неговата најава да го поттикне нуклеарното разоружување со Русија, е сепак вистинска и охрабрувачка порака. И покрај спорот околу Сирија и ракетната одбрана во Европа, Обама и рускиот претседател Владимир Путин се во состојба заеднички да напредуваат. Тоа двајцата го договорија пред два дена на самитот на Г8 во Северна Ирска. Обама сега нагласено го објави.

Без реченица која ќе влезе во историјата

Американскиот претседател зборуваше пред Бранденбуршката порта, симболот на надмината Студена војна, во правец на исток. Тоа е важно, зашто и при неговиот говор за разоружувањето во Прага во 2009 година, Обама им се обрати на луѓето кои со децении живееле во неслободниот дел на Европа. Денес американскиот претседател, за разлика од неговиот претходник Роналд Реган во 1987 година, смее да помине низ Бранденбуршката порта. Тоа покажува - светот се променил на подобро, победила слободата. На другата страна на имагинарниот ѕид сега стојат противниците на слободата, точно спозна американскиот претседател. Затоа Обама во Берлин ја прокламира високата цел за слобода и правда во цел свет. Америка навистина мора да остане будна во борбата против теророт, но и да ја надмине состојбата на постојано водење војна. Тоа беше изненадувачки самокритички. Обама има уште триипол години време за да се приближи кон оваа цел. Германија притоа треба да му помогне. Многузначна, се‘опфатна реченица, која говорот на Обама ќе го внесе во историјата, немаше. На Бранденбуршката порта американскиот претседател силно се испоти, но не поради слабост предизвикана од содржината на говорот. Од безбедосни причини тој се наоѓаше во еден вид стаклена коцка. На над 30 степени во сенка, Обама го соблече сакото и се пошегува на сметка на горештината. Опуштено, суверено. Вау.