1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот во ритамот на „Румба каталана“

14 јули 2009

„Румба Каталана“е музички спој на фламенко и афрокубански ритам. Музиката која се создаде во педесеттите години во Барселона и денес е популарна меѓу младите луѓе.

https://p.dw.com/p/IotE
Фотографија: picture-alliance / dpa

Гитаносите, шпанските Роми, го создадоа овој посебен музички спој, наменет за топлите летни ноќи, музицирајќи по каталонските таверни. Групата „Папава“ е единствен музички состав кој каталанската румба ја свири во нејзината изворна форма.

Перет Рејес, главниот музичар на групата „Папава“ и еден од создавачите на каталанската румба, ја објаснува таа страст за музика на Гитаносите: „Румбата е музика на каталонските Гитаноси – и повеќе од тоа, таа е начин на живот! Нашите деца танцуваат румба пред да проодат и пеат румба пред да проговорат... Ние спиеме, се смееме, плачеме, ние живееме во ритамот на румбата!“

Маестро со изглед на „вистински“ Гитанос

Pressefoto der Band Papawa
Групата „Папава“Фотографија: Papawa

Кога Перет Рејес, најчесто по полноќ, настапува во ексклузивните локали на Барселона, овој педесетгодишник успева да ја зарази младата публика со својот глас и движење. Румба каталана е пред се‘ ритам за играње, а Перет Рејес е еден од нејзините легендарни пронаоѓачи. Помладите музичари, полни со почит, го нарекуваат „маестро“. Оној кој има шанса да настапува со неговата група „Папава“, може да се смета за привилегиран. Перет појаснува: „Папава е единствена група која ја свири каталонската румба како што тоа се правело некогаш, во состав: две гитари, бонго тапани и традиционалната дрвена маса на која удирам ритам и на која седам додека пејам."

Дрвената маса потекнува од кафеаните во кои Гитаносите од Барселона пиеле и музицирале. Сега таа ги краси бините во познатите клубови, меѓу редовите звучници и засилувачи на звукот, а во заднината се постерите во ретро стил. Перет Рејес не изгледа како остаток од некое минато време, носи фармерки и маица со кратки ракави. Можеби само залижаната коса, задолжителната цигара во уста, прстите накитени со прстени и светкавите чевли го издаваат дека е вистински Гитанос.

„Румба каталана“ е култ

Flamencotänzerin
„Румба каталана“ потсетува на фламенко

Со летниот хит „Борикито“, еден друг Перет, по кој нашиов Перет Рејес го добил своето име, во 1971 година успеа да се пробие дури на највисоките места на меѓународните топ листи. Денес настапува веќе третата генерација музичари, која многу експериментира со ваквиот вид музика.

Маестрото со одобрување гледа на музичките експерименти на младата генерација, се’ додека таа своите музички миксови не ги продава како автентична румба. Румба каталана е култ, не само меѓу каталонските Роми, туку и меѓу останатите сограѓани, кои и сами почнаа да основаат бендови и да свират румба. Тоа не му пречи на Перет: „Румбата, пред четири-пет години, повторно е вратена на голема врата. За тоа придонесоа и „пајосите“, музичари кои не се Гитаноси. Зошто да не? Што повеќе не‘ има, толку подобро за румбата..."

Автор: Доротеа Масман / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска