1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот на границата - кафкијанска ничија земја

Сузане Глас / Александра Трајковска 5 јануари 2014

Во Метковиќ минува надворешната граница на Европската унија. Жителите во ова гратче меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина се исправени пред речиси незамисливи предизвици во секојдневието.

https://p.dw.com/p/1AcPZ
Со еден чекор во и надвор од ЕУФотографија: DW/B. Fazlagic

Жителите на улицата „Марко Марулиќ“, од јули годинава, се движат нелегално со секој свој чекор. Поточно кажано - со еден чекор се пречекорува надворешната граница на ЕУ. Од Босна кон Хрватска, сосема опуштено без никаква контрола.

Но, ним не им преостанува ништо друго. Куќата на Анте Поповиќ, на пример, се наоѓа на босанска територија.

„Но, штом ќе излезам на улица, би морала да дојде граничната контрола. Кога се враќам назад во куќата, тие повторно би морале да ме контролираат. Имено, границата минува токму овде - пред мојот имот. Улицата и куќите од спротива - сите ѝ припаѓаат на Хрватска. Тука е границата“, вели Анте Поповиќ и дополнува: „Погледните токму сега нелегално ја преминувам границата. Само за да си поприкажам со соседите. Еј, луѓе, ние нелегално ќе дојдеме кај вас. Да, на оваа улица ние живееме во Апсурдистан“.

Нивниот Апсурдистан се наоѓа во јужното хрватско гратче Метковиќ. Границата отсекогаш минувала низ местото. Проблемот меѓутоа се создаде дури кога Хрватска ѝ пристапи на ЕУ. Оти, отсега - како и на секоја надворешна граница - мора строго да се контролира. Претходно меѓу Босна и Хрватска владееше слободен проток на лица и стоки.

Трговците пред колапс

Граничниот премин се наоѓа директно на почетокот на околу еден и пол километар долгата улица. За жителите нема друг пристап. Градоначалникот Анте Карловиќ уште пред две години се обрати до сите надлежни власти.

„Укажавме на тоа какви проблеми ќе се појават за нас со пристапот на Хрватска во ЕУ и баравме да се најдат решенија во заедничките комисии. Но, досега не добивме никаков одговор“, вели Карловиќ.

Напротив, нивниот граничен премин, со пристапот во ЕУ без предупредување беше деградиран во локален, преку кој не смее да се испорачува стока. За супермаркетот тоа значеше крај уште на 5. август. Во блиската продавница за спортски артикли сопственикот стои пред целосна распродажба и сѐ уште е во шок.

Bosnien und Herzegowina - Grenze Metkovic
Граничниот премин беше деградиран во локаленФотографија: DW/B. Fazlagic

„До 1. јули сите мислевме, дека граничниот премин ќе остане меѓнароден, дека и натаму ќе можеме да ја испорачуваме нашата стока преку него. Нема друга улица кон мојата продавница. Што ќе правам сега? Незнам“, вели трговецот Жељко Присаќ.

Тој не е единствениот. И супермаркетот за градежни материјали, неколку стотици метри подолу, може само да го допродаде она што било доставено пред јули. Месарот Велко Бегиќ досега ја одбегнуваше забраната.

„Погледнете - месото го носам одзади, околу, преку босанските полиња, покрај мојата куќа во продавницата, која исто така стои на босанска територија. Така со ниеден чекор не ја преминувам границата кон Хрватска и Европската унија“, објаснува Бегиќ.

Меѓутоа тој мора да внимава да остане на паркингот. Улицата зад него веќе ѝ припаѓа на Хрватска. Неговиот метод не е безусловно сосем чист.

Сопствен пат

Најдоброто, но и најскапо решение го најде сопственикот на бензинската пумпа Јурица Целиќ. За 30 илјади евра тој ги купи имотите зад неговата бензиска пумпа на босанска страна.

„Таму си изградив сопствен пристап за големите цистерни, кои исто така не смеат да ја минуваат границата. Сега тие возат преку патека низ босанските полиња, одзади преку мојата сопствена улица до бензинската пумпа. Со тоа воопшто не доаѓаме во допир со надворешната граница на ЕУ. Таа минува на другата страна од бензинската пумпа по должина на официјалната сообраќајница“, вели Целиќ.

Bosnien und Herzegowina - Grenze Metkovic
Едните соседи од една страна, другите од друга страна и на улицата и на границатаФотографија: DW/B. Fazlagic

Од кафкијанските гранични правила меѓутоа не се засегнати само директните жители на улицата „Марко Марулиќ“. Најлошо поминаа многуте земјоделци и трговци со зеленчук, чии полиња се во околината.

Како 33-годишниот Анте Јурковиќ. Од неговите приходи зависи едно цело големо семејство. Но, минатото лето тој мораше да ја уништи целата берба на краставици. А, можно е истата судбина да ги снајде и неговите 30 илјади салати.

„Бидејќи живеам во Хрватска, мојата фирма се смета за хрватска. Но, моите оранжерии се наоѓаат во Босна. А, босански зеленчук не смее да се продава во Хрватска - држава од ЕУ. Јас како хрватска фирма, пак, не смеам да носам зеленчук во Босна. Салатата ќе биде готова во јануари. Јас сум всушност очаен. Се чувствувам предаден и понижен,“ вели Јурковиќ.

Но, тој сѐ уште се надева дека босанските и хрватските власти конечно ќе се спогодат за заеднички правила. И тоа, колку што е можно побрзо!