1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот на маргините, во екстремна сиромаштија

Владимир Калински 31 декември 2013

Податоците на бројни студии и експертски анализи покажуваат дека Македонија е земја со висок процент на сиромашни луѓе и огромни класни разлики.

https://p.dw.com/p/1AjNA
Фотографија: DW/V. Kalinski

Седу Голиќ е 36 годишен човек, кој со својата жена и трите деца живее живот во екстремна сиромаштија. Со Седу се сретнавме на автобуска станица во скопската населба Маџари, а тој се согласи да не однесе до неговиот дом.

Се движиме низ калливиот пат поред реката Вардар, помеѓу населбите Лисиче и Маџари. Го прашувам - каков е животот овде? А тој покажувајќи кон еден пес ми вели: „Еве вака живееме, како кучиња! Тоа е живот, што ќе правиш. Живееме од храна, пластика и хартија што собираме од контејнери. Срам од сиромаштија нема!“

Стигнуваме до куќата направена од штици, картони и најлони, која нема приклучок на струја. Вода снабдуваат од пумпа, а за греење се снаоѓаат собирајќи дрва. На ова место, во вакви услови тој живее цели 25 години. Вели дека истиот пат го поминуваат и неговите три малолетни деца кои не одат на училиште, а причина за тоа е недостатокот на средства:

„Со кои услови? Со гумени чизми ли да го пратам син ми во школо. Треба да имаш средства за во школо. Не сум будала да ги оставам ’инвалиди’ како што останав јас, што не знам името да си го напишам. Ниту едно од моите деца не оди во школо. Требаат тетратки, моливи, облека... Што сега, треба да ги пуштам во школо, а немам пари за храна и да гледаат другите како јадат? Затоа подобро е дома нека останат.“

За дочекот на новогодишните празници, Седу вели: „Ние не знаеме што е дочек на Нова година. Седиме без струја во темница, во девет саат си легнуваме и никому ништо. Утре во пет сабајле го земам моторот и по канти. Благите работи што ќе ги најдеш, ќе ги донесеш за децата. Никој не не‘ ферма, ни кои сме ни што сме! Таа работа е таква и нема тука што да се прави. Како што сме пателе ние, така ќе патат и тие.“

Ветувања за помош само пред избори

Раскажувајќи за тешките услови во кои живеат, тој вели дека помош од институциите за социјална заштита не добиваат: „Џабе се обраќаме за помош од државата. Помош добиваат тие што имаат повеќе од нас. Порано ни помагаа некои организации и луѓе од католичката црква со храна и облека, и тоа веќе го нема.“

Тој објаснува дека политичарите им ветуваат само пред избори: „Ветуваат работа и ништо од тоа нема. Што да им кажам? Било кој градоначалник ќе дојде тука, ќе не моли со 25 кила брашно, ќе рече еве ти илјадарка да одиш да гласаш за него и само додека фати фотеља. Откако ќе фати фотелја не те ферма од каде си!“

Седу Голиќ неодамна се обидел да обезбеди подобар живот за себе и семејството барајќи азил во Оберхаузен, Германија. Но, по три месеци барањето им било одбиено.

„Живеевме во стан, имавме купатило, облека... Чистотата те прави човек. Ни даваа по 1250 евра за пет луѓе. Тоа е живот! А сега чекам некој да јаде, да фрли нешто и да дојдам да соберам за децата. Каков живот е тоа? Не е тоа живот!“

Седу вели доколку му се укаже шанса, нема да одбие било каква работа: „ако заработувам 10 или 12 илјади денари ќе можам да излезам од тука, да земам стан под кирија, а вака со две-три илјади што да правам?“ Тој очекува 2014 година да биде уште потешка, бидејќи, како што вели, луѓето се‘ помалку фрлаат храна.

Игнорирање на проблемот

Државниот завод за статистика последен пат ги објави податоците за нивото на сиромаштијата во Македонија за 2011. година. Се‘уште не се објавени податоци за 2012-та, а веќе влегуваме во 2014 година. Процентот на сиромашни лица во 2011. година во Македонија изнесувал 30.4%.

Sedu Golik Mazedonien Skopje
Седу Голиќ не може да го прехрани семејствотоФотографија: DW/V. Kalinski

Сашо Јованов од Македонската платформа против сиромаштијата вели дека Македонија како социјална држава не ги испoлнува социјалните мерки кон граѓаните. „Оваа категорија на граѓани не е вклучена во нормалните текови на секојдневниот живот и нема средства да биде со сите збиднувања, најчесто тие се неинформирани за могу работи, посебно за своите човекови права на национално и локално ниво. Многу често тие се игнорирани, неприфатени и изманипулирани.“

Членот 1 од Уставот – мртво слово на хартија

Во Членот 1 од Уставот на Република Македонија се вели дека Македонија е социјална држава. Што тој член значи во однос на функционирањето на системите за социјална заштита, објаснува професорот по политички науки на универзитетот ФОН, Здравко Савески:

„Кога во некој устав, во неговиот член 1 пишува дека таа земја е социјална држава, тогаш секоја влада треба да посвети поголемо внимание таа земја навистина да биде социјална држава, а не тоа да биде мртво слово на хартија. Досегашните влади многу малку направија на планот на социјалната заштита. Секогаш гледале што повеќе да скратат на издатоците од државниот буџет за социјална помош, и со тоа фактички го кршат членот 1 од Уставот на Република Македонија.“

Професор Савески вели дека во Македонија постои лаичка претстава дека ако се реши проблемот со невработеноста, ќе се реши и проблемот со сиромаштијата:

„Има посебна катагорија на вработени сиромашни, според Заводот за статистика во 2011. бројката беше 10% од вработените. Државата е далеку од немоќна во решавањето на овој проблем. Истовремено, според податоците на Светска банка, нашата земја е класно најраслоена земја. Тоа значи дека во Македонија некои богаташи акумулираат невидено богатство. Последните податоци на УЈП беа дека највисокиот приход за 2012. година беше неверојатни 300 илјади евра бруто на месечно ниво. Даночната политика е многу погрешна во Македонија, бидејќи многу пари им се остава на екстра богатите и на богатите и поради тоа нема пари во буџетот за сиромашните. Токму затоа државата не може да си ги врши функциите, заедно со фактот дека неефикасно се трошат буџетските пари.“

Професор Здравко Савески истакнува дека Македонија не е само земја на висок процент на сиромашни, туку и земја каде има големи класни разлики: „Овој податок фактички значи дека може да дојде до прераспределба на богатството, не од сиромашните и средните слоеви кон богатите, нешто што се случува последните години, туку од побогатите кон посиромашните и дека тоа треба да се случи тргнувајќи од член 1 на Уставот.“