1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жипе: Операцијата во Либија нема да трае долго

24 март 2011

Борбите меѓу бунтовниците и силите лојални на Гадафи денеска (24.03) се концентрираат на градовите Аџдабија и Мисурата. Според информации на востаниците, во центарот на Мисурата има тенкови на либиската армија.

https://p.dw.com/p/10guY
Фотографија: dapd

Меѓународната коалиција денеска ги концентрира нападите од воздух врз моторизираните единици на Гадафи, врз батериите за противвоздушна одбрана и врз постројките за комуникација на воените сили. Инаку, воените експерти на НАТО веќе ги договорија главните елементи за евентуалниот ангажман во Либија. Но, на политички план Алијансата се’ уште нема најдено заеднички јазик.

Според дипломатски извори од Алијансата, командата на дневните операции би требало да се одвива преку базите на НАТО во Неапол и Поѓо Ренатико, на северот од Италија. Надзорот над вкупната операција, пак, би бил во рацете на централата во Монс.

За разлика од воените претставници, политичарите се’ уште немаат најдено компромис околу преземањето на операцијата во Либија. Од Брисел се дознава дека се исцртува можен компромис, според кој мандатот би бил формулиран така, што земјите членки кои се против вклучувањето во операцијата за Либија би можеле и да се држат настрана. Вчера политичката одлука во Советот на НАТО ја изблокира Турција. Со првите луѓе на турската армија денеска се среќава главниот командант на НАТО за Европа, американскиот генерал Џејмс Ставридис.

Alain Juppe Frankreich Verteidigungsminister
Алан Жипе тврди дека цел на коалицијата не е смена на режимот во ЛибијаФотографија: picture-alliance/dpa

Според проценката на францускиот министер за надворешни работи Алан Жипе, операцијата во Либија нема да трае долго:

„Повеќе станува збор за денови или недели, а не за месеци“, нагласи Жипе и појасни дека НАТО ќе игра улога на оперативен координатор. Покрај тоа ќе биде создадена политичка Контакт група, која во вторник (29.03) ќе се сретне за прв пат во Лондон. „Уште сега размислуваме за завршување на операцијата“, нагласи Жипе и додаде дека коалицијата не си поставила задача да го смени режимот во Либија. „Тоа е задача на Либијците“, категоричен е Жипе.

Автор: ГЧ/СН/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска