1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

250211 Dialog Muslime Alkohol Arbeitsplatz

6 март 2011

Германскиот суд за работни односи неодамна мораше да се занимава со случајот на еден муслиман од турско потекло, кој живее и работи во Германија, а кој одбил на работното место да доаѓа во каков и да е допир со алкохол.

https://p.dw.com/p/10Tl9
Муслимани на молитва во КелнФотографија: picture alliance/dpa

Станува збор за 47-годишен работник во супермаркет, кој не сакал ни да ги реди шишињата со алкохолни пијалоци во регалите. Како причина за тоа ги навел верските норми. Германските граѓани од странско потекло за овој проблем имаат различни мислења: „Ако некој не може тоа да го спои со неговата религија, тоа можам да го разберам, но тогаш би требало да си замине. Јас не можам да го натерам на ништо, но тој тогаш треба да си најде некоја друга работа, а јас да си најдам друг работник“, смета Фарзанех, која е сопственик на киоск со пијалоци и списанија во Келн.

Али, кој пак работи во ресторан за брза арапска храна, исто така во Келн, посочува: „Кога би имал можност тој специјален работник да ги преместам на друго место, тогаш не би го отпуштил, бидејќи може да извршува и други обврски. Тогаш не би ми било проблем некој друг да преместам на неговото работно место, каде што се доаѓа во контакт со шишиња со алкохол. Значи, ако има можности, тогаш сметам дека не треба веднаш да му се даде отказ!“

Shopping
Фотографија: bilderbox

Различни услови

Патем во ресторанот за арапска храна со Али работат само строго религиозни муслимани, кои меѓутоа намерно барале такво работно место. Во супермаркетот во покраината Шлезвиг-Холштајн ситуацијата беше малку посложена. Таму муслиманот на возраст од 47 години работел прво во пералната за автомобили, каде минал повеќе години. Подоцна морале да го префрлат во одделот за купување пијалоци во склоп на пералната, каде во неговите работни обврски меѓу другото спаѓало и редењето алкохолни пијалоци во регалите. Тој одбил за да не ги прекрши нормите на неговата религија, поради што бил отпуштен. По поднесената тужба, Сојузниот суд за трудово право пресуди дека работодавачот и работникот треба да бараат прво алтернативи внатре во фирмата. Но, доколку такви можности не постојат, тогаш отказот ќе биде правосилен.

Tag der offenen Moschee Köln
Фотографија: picture alliance/dpa

Коранот се толкува различно

Експертот за ислам, Марфа Хајмбах, посочува дека во исламот постојат различни толкувања за односот кон алкохолот.

„Експлицитните четири места во коранот, кои се однесуваат на алкохолот, тешко можат да се применат на овој случај. Инаку во целиот исламски свет постојат различни толкувања на овој проблем. Има такви исламски авторитети, кои строго ја забрануваат дури и близината до алкохолни пијалоци. Но и меѓу нив има разлики во строгоста.“

Тоа би значело дека ставот на муслиманите би зависел од тоа, кого од религиозните авторитети го следат. Во Германија до сега има само помал број на случаи каде верските норми предизвикале проблеми на работното место. На пример, неодамна една работничка на градската управа во Франкфурт најави дека на работа ќе се појавува само во бурка, односно со комплетно покриено тело и глава. И за овој случај ќе мора да решат највисоките судски инстанци во земјата.

Автор: Улрике Хумел/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска