1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жртви во големото невреме во Британија и Холандија

БГ/миа28 октомври 2013

Најмалку три лица загинаа во Велика Британија и во Холандија, откако големо невреме проследено со силни ветрови ги зафати двете земји. Стотици илјади луѓе се без електрична енергија.

https://p.dw.com/p/1A7Hy
Фотографија: Reuters

Двете жртви во Британија настрадале откако дрвја паднале врз нивниот дом и автомобил. Во Амстердам дрво откорнато од бурата усмртило една жена. Би-Би-Си јавува дека што се однесува на Велика Британија најлошото поминало и оти бурата веќе се наоѓа над Холандија. Метеоролозите велат дека бурата може да биде најлоша во изминатите десет години.

Ветровите со сила на ураган, кои дувале со брзина од 160 километри на час, оставиле над 250.000 домаќинства во Велика Британија без струја.

Граѓаните на Амстердам се советувани од надлежните власти да не ги напуштаат домовите, како и да не возат велосипеди поради силниот ветер. Главната железничка станица во Амстердам поради оштетувањата предизвикани од бурата е затворена. Затворен е и аеродромот Схипхол, четвртиот најголем во Европа.

Од утрово во прекин е линијата на брзиот воз меѓу центарот на Лондон и аеродромот Гетвик и Станстед, а затворено е и пристаништето во Довер, поради што не сообраќаат ниту траектите до Франција. Сообраќајот е во колапс, а два траекти со над 450 патници се блокирани во Ламанш.

Sturm in Frankreich 28. Oktober 2013
Бурата го погоди северното крајбрежје на ФранцијаФотографија: PHILIPPE HUGUEN/AFP/Getty Images

Околу 75.000 семејства утрово останаа без електрична енергија поради силното невреме што го зафати северозападниот дел на Франција, каде ветерот на моменти дуваше со брзина над сто километри на час.

Бурата од британските острови се префрли на континенталниот дел на Франција и европскиот континент и Метео Франс издаде предупредувачки билтен за крајбрежните региони на Франција. Покрај прекинот со снабдувањето со електрична енергија, предизвикана е и материјална штета, како и повеќе откорнати дрвја. Засега во Франција не е регистрирана ниту една жртва, пожарникарите интервенираа на повеќе пати во текот на ноќта, а властите повикаа на претпазливост и ги забранија прошетките на самиот брег.