1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жртви во новите протести во Египет

ЖА/дв/ртре/миа29 јуни 2013

Луѓето во Египет масовно излегуваат на улици. На годишнината од стапувањето на претседателот Мурси на функцијата, протестираат и неговите приврзеници и противниците. Загинаа три лица, еден од нив американски државјанин.

https://p.dw.com/p/18yQ3
Фотографија: Str/AFP/Getty Images

Во судирите меѓу приврзаниците и противниците на египетскиот претседател Мохамед Мурси загинаа три лица, меѓу кои и еден Американец, а 130 луѓе се повредени. Властите на САД ги предупредија Американците да не патуваат во Египет. Стејт департментот по вчерашните судири им порача на дел од дипломатскиот персонал да го напуштат Египет, а на американските државјани кои се во земјата да бидат внимателни. Главниот аеродром во Каиро е преполн со патници, а летовите за Европа, за САД и за земјите од Персискиот Залив се пополнети, тврдат очевидци.

Тензиите во Египет се зголемени пред најавениот масовен протест утре, на кој ќе се бара оставка од претседателот. Протестот треба да се одржи во близина на претседателската палата во Каиро и се очекува да учествуваат околу еден милион луѓе.

Ägypten Protest
Фотографија: picture-alliance/dpa

Приврзаниците на Мурси тврдат дека претседателот има легитимитет да остане на власт.

Во Александрија синоќа загинаа две лица кога демонстрантите ја запалија канцеларијата на политичкото движење Муслиманско братство, кое го поддржува Мурси. Се‘ уште не се познати деталите за загинувањето на Американецот кој работел во Американскиот културен центар, едни тврдат дека тој бил прободен во пределот на градите, а според други тој бил ранет од огнено оружје. Втората и третата жртва се египетски државјани, кои загинаа во Александрија односно во Мансура.

Десетици илјади антивладини демонстранти вчера протестираа во повеќе египетски градови, но имаше и контрапротести од приврзаниците на Мурси.