1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забелешките за Македонија остануваат

16 март 2011

Комисијата за надворешна политика на ЕП ја заврши расправата за извештајот за напредокот на Македонија кон Унијата. Политичките проблеми, спорот за името и притисокот врз медиумите беа темите кои доминираа на расправата.

https://p.dw.com/p/10ZqN

Извештајот на известувачот Зоран Талер ќе претрпи одредени измени, но во него остануваат клучните забелешки за состојбите во Македонија, како и препораката за почеток на преговорите со ЕУ. Членовите на Комисијата за надворешна политика денеска во Брисел дебатираа за содржината на извештајот и се договорија стотината поднесени амандмани да ги преточат во вкупно 14, кои нема суштински да ја променат неговата основна поента.

Остануваат забелешките за недостаток на политички дијалог, загрозена медиумска слобода, политичко влијание врз судството, политизирана јавна администрација.

Eduard Kukan
Едуард КуканФотографија: DW

Според словачкиот парламентарец Едуард Кукан, на земјата покрај критиките и треба и охрабрување. „Доколку оваа ситуација продолжи ќе резултира со уште поголема фрустрација и тензии во земјата. Задоволен сум што во извештајот се повикува на почеток на преговорите за членство, но сепак, остануваат многу проблеми кои треба да се отстранат во овој процес. Претстојните вонредни избори ќе бидат важен тест за земјата. Очекуваме да видиме напредок во областа на јавната администрација, судството, борбата против организираниот криминал и корупцијата. Се надевам и дека спорот за името ќе биде наскоро решен“, рече поранешниот шеф на словачката дипломатија.

Спорот за името го блокира решението

Спорот за името како клучен проблем го потенцираа тројца грчки европратеници, кои ја обвинија Македонија дека го блокира решението.

Вицепремиерот за евроинтеграции Васко Наумовски реплицираше дека Грција е таа која во последните години ги одбива предлозите за решение и поставува нови услови. „Македонската влада ќе продолжи да бара компромисно решение за спорот за името, затоа што е во наш интерес да се најде решение што е можно побрзо“, рече Наумовски.

Alexander Graf Lambsdorff MdEP
Александер Гроф ЛамбсдорфФотографија: lambsdorff.de

Германскиот европратеник Александер Грoф Ламбсдорф ја оцени како неприфатлива позицијата на Грција во спорот, но изрази загриженост и поради споредбите на битолскиот градоначалник на политиката на ЕУ кон Македонија со холокаустот. Повеќемина пратеници го осудија бојкотот на опозицијата на парламентот. Наумовски пак рече дека на вчерашниот состанок на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Груевски и Црвенковски власта прифатила повеќе од 30 барања на опозицијата во врска со изборите и најави дека тие ќе се одржат на крајот на мај или на почетокот на јуни.

Наумовски: А1 - пример за неплаќање данок

Vasko Naumovski Mazedonien
Васко НаумовскиФотографија: AP

Во однос на слободата на медиумите во земјата, Наумовски тврдеше дека во изминатите години во Македонија биле формирани многу нови медиуми, а случајот А1 го окарактеризира како пример за неплаќање данок. „Во Македонија како и во сите други земји сите правни субјекти имаат обврска да плаќаат данок. Управата за приходи во последните 5 години изврши контроли во повеќе од 90 медиуми. Во неколку случаи беа изречени казни, една национална телевизија беше казнета со 300, а друга со 200 илјади евра. Според податоците, А1 должи 9 милиони евра за неплатени даноци во последните 5 години“, рече Наумовски. Тој ги отфрли и критиките на пратениците за односот на Владата во Скопје кон поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере, оценувајќи оти тој бил испратен со највисоки почести, како ниту друг амбасадор пред него.

Автор: БГ/AT/ебс

Редактор: Симе Недевски