1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заборавениот шампион

10 ноември 2011

Се сеќавате ли на Реџеп Реџеповски? Македонски боксер од највисока класа, кумановчанец, наследник на Аце Русевски. Тој со себе носи боксерска приказна преполна со контроверзи - од шампион до социјален случај!

https://p.dw.com/p/138CC
Реџеп РеџеповскиФотографија: DW

Боксот е спорт со веројатно најмногу контроверзи. Го именуваат како „благородна вештина“, иако целта е да се удри противникот што е можно посилно, да се нокаутира. Боксот е силен магнет за масите, шампионите се слават, но и брзо се забораваат.

Се сеќавате ли на Реџеп Реџеповски? Македонски боксер од највисока класа, кумановчанец, наследник на Аце Русевски.Тој со себе носи токму таква боксерска приказна преполна со контроверзи.

Сагата за големиот шампион почнува од кумановското ромско маало, кога малиот Реџеп, тежок само 43 килограми, влегува првпат во магичниот четириаголник:

„Почнав во 1979 година и за кусо време, за само неколку месеци станав првак на Македонија.“

Што беше тоа што го натера Реџеповски да влезе во спортот, во кој владее законот на посилниот? Дали само восхитот кон легендарниот Касиус Клеј?

„Идол ми беше Касиус Клеј или Мохамед Али. Го гледав на телевизија и му се одушевував. Но, и сиромаштијата во семејството беше голема. Бевме седум деца. Татко ми работеше во градска чистота. Беше тешко и за храна и за облека. Во 5-то одделение го напуштив училиштето за да му помогнам на семејството. Се зафатив со боксот и бев решен да успеам.Г оспод ме награди, стигнав и до сребрениот олимписки медал.“

Меѓу славата и бедата

Големиот талент, во рацете на познатиот кумановски тренер Аца Петровиќ, само после пет години ќе боксува во финалето во мува-категорија на Олимписките игри во Лос Анџелес, во 1984 година.

„После 6-те претходни борби, во финалето боксував против Американецот Стив МекРори. Било кој да беше друг боксер, гарантирам дека ќе го освоев златниот медал. Боксувавме жестоко, прегласувањето на судиите долго траеше за на крај да загубам. Стив МекРори победи, јас го освоив сребрениот медал.“

Boxen Training im Gym
Приказната на Реџеповски е типично боксерскаФотографија: picture-alliance / dpa

Во Куманово е пречекан како херој! Од градот добива двособен стан и многу ветувања! Но, успесите на Реџеповски брзо се заборавени. Без образование, без шанса да работи во боксот, без приходи, набрзо станува социјален случај.

„Имав страшен период во животот, кога преживував со 3000 денари. Со овие пари го издржував семејството, мојата жена и 4-те деца, три ќерќи и еден син. 12 години имав проблеми да платам струја, вода, ѓубретарина...“

Спасот доаѓа пред неколку години, со воведувањето на спортските пензии за заслужните спортисти на Македонија. Реџеповски доби егзистенција, но односот од луѓето, особено од оние што се во боксот, го боли.

„На пример, еве сега доаѓа ’Златниот гонг’,кој двапати го освојував. Ќе ме поканат, а потоа ќе ме стават да гледам од ’третиот’ ред. Ова ме прави лошо да се чувствувам, а го сакам боксот.“

Работа со млади, неисполнета желба

Сака да работи во боксот. Реџеп Реџеповски смета дека боксот во Македонија може да биде како некогаш.

Boxen: Junger Berliner Nachwuchs im Ring
Реџеповски сака работа со младиФотографија: dpa/picture-alliance

„Сега ќе наполнам 49 години, а се чувствувам дека ништо не сум создал во боксот. Не ми ни даваат можност да почнам да работам со деца, да им го пренесам моето искуство. Секогаш кога ќе излезам на улица се собираат деца околу мене и ме прашуваат кога ќе почнеме да тренираме. Една сезона работев во Куманово без пари за да им докажам на некои луѓе дека можам. Направив неколку македонски прваци.“

Со сребрениот олимписки медал, со двете злата од Балканијадите, со двата освоени „Гонга“,со спомените за златното време боксерско, македонскиот спортски великан Реџеп Реџеповски го живее својот живот. Лузните, оние зададени од околината се многу подлабоки од боксерските! Си ги носи во себе. Приказна типично боксерска!

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска