1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заборавените затвореници

28 мај 2011

Испраќање писма за ослободување на политичките затвореници-од оваа идеја се роди меѓународно движење-50 години по формирањето, „Амнести интернешнл“ е најголемата светска организација за заштита на човековите права.

https://p.dw.com/p/11PBO
„Амнести интернешнл“ стана најголема организација за заштита на човековите права во светотФотографија: picture-alliance/dpa

„Отворете весник кој било ден, во него ќе прочитате дека во некој дел од светот некој човек бил измачуван, убиен, само заради своите верски убедувања или несогласувања со владата“. Со овие редови и барањето читателите со свои писма до владите да побараат ослободување на политичките затвореници, започнува написот „Заборавените затвореници“ во британски „Обсервер“ на 28 мај 1961 година. Со оваа статија, напишана од лондонскиот адвокат Питер Бененсон, започнува и историјата на создавањето на „Амнести интернешнл“.

Повикот на Бененсон од „Обсервер“ беше преземен во 30 големи весници од повеќе држави. За само неколку недели се пријавија повеќе од илјада луѓе заинтересирани за идејата. На нивната прва меѓународна средба во средината на јули 1961 година во Луксембург, делегатите од Белгија, Велика Британија, Франција, Германија, Ирска, Швајцарија и САД, го основаа „Амнести интернешнл“ како „перманентно меѓународно движење за одбрана на верските и правото на сопствено мислење“.

The Observer The Forgotten Prisoners Peter Benenson
„Обсервер“ од 1961 годинаФотографија: The Observer

Меѓу сите фронтови

И покрај, или токму поради својата независност, „Амнести интернешнл“ и неговите активисти секогаш беа на удар на силите од сите политички ориентации. На Запад на почетокот многумина политичари и медиуми важеа за петта колона на комунизмот, на Исток ги сметаа за империјалистички платеници на ЦИА. Но, пресуден беше успехот: од вкупно четири илјади затвореници, за кои АИ се залагаше во првите десет години по основањето, две илјади се најдоа на слобода. Во 1977 година организацијата ја доби Нобеловата награда за мир.

Успех поради консеквентноста

Во меѓувреме АИ е многу повеќе од „организација за помош на затворениците“. Со силната кампања против смртната казна во 1977 година, АИ многу придонесе се‘ повеќе држави да се откажат од овој вид „легално“ убивање. Во 1985 година Амнести го прошири својот мандат на заштита на бегалците и азилантите. Со ангажманот започнат во 1993 година, Амнести, заедно со други невладини организации, придонесе за основањето на Меѓународниот суд на правдата во 1998 година, со што се создаде можност пред суд да се најдат извршителите на злосторствата против човештвото, геноцидот и воените злосторства од цел свет.

Amnesty-Gründer Peter Benenson
Основачот на АИ, Питер БененсонФотографија: picture-alliance/dpa

Од 2003 година пак АИ не се залага само за политичките, туку и за економските, социјалните и културните човекови права. Една актуелна кампања е насочена против исклучувањето на луѓето од општеството поради сиромаштија, како и за правоот на достоинствено сместувалиште.

Со над три милиони членови и редовни поддржувачи во преку 150 земји, АИ денес е најголемата од вкупно 300 регистрирани организации за заштита на човековите права.

Автор: Андреас Цумах/ Жана Ацеска

Редактор: Алкенсадра Трајковска