1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

030409 Transnistrien Konflikt

6 април 2009

Во Република Молдавија една од постојано актуелните теми е конфликтот околу Транснистрија, каде населението зборува руски јазик. По војната за отцепување во 1992 година, во овој регион, се стационирани руски трупи.

https://p.dw.com/p/HOve
Фотографија: DW

Транснистрија е тесен појас земја, со руско и украинско население, долж границата меѓу Република Молдавија и Украина. Мнозинството од населението (Транснистрија има околу 500.000 жители) зборува руски. Во останатиот дел од земјата се зборува претежно романски. Транснистрија се оддели од Молдавија во 1990 година. Во војната меѓу молдавските безбедносни сили и сепаратистичките трупи, во 1992 година, загинаа повеќе стотици луѓе. Оттогаш во Транснистрија се стационирани руски трупи.

„Владите беа тие што не можеа да излезат на крај едни со други“

Откако на втори март 1992 година во селото Кочиери избија борби, Република Молдавија е поделена земја. Транснистрија опстојува на својата самостојност и тесната поврзаност со Русија. Таа не е меѓународно призната, но има своја влада и свој претседател. На меѓународно ниво, војната меѓу Република Молдавија и сепаратистите се нарекува граѓанска војна. Тоа, за оние што се вмешани во конфликтот, не е во ред. Ион порано бил член на молдавската бригада на доброволци:

„Во оваа земја вечно мирно живееле Молдавци, Руси и Украинци. Сите ние бевме на оваа почва и немавме проблеми едни со други. Луѓето горе, во владите, беа тие што не можеа добро да излезат на крај едни со други. “

Почеток на март 2009 година. Во селото Кочиери се собираат жителите на селото за да им оддадат почест на загинатите борци. Незадоволството во толпата луѓе е големо. На луѓето овде малку им значи присуството на молдавскиот министер за интеграција. Неговата функција беше создадена за да помогне во повторното поврзување на Транснистрија со Молдавија, но луѓето се разочарани. Дел од нив се противат на учество во свеченостите.

Verkehr in Moldawien
Незадоволство кај обичните луѓеФотографија: AP

Василе во 1992 година се борел на страната на Молдавија. Тој ја бранел земјата, бил повеќепати ранет и во војната загубил двајца браќа. Повеќе сака да остане дома и со неколку пријатели, поранешни војнички другари, на масата во градината се сеќава на војната. Плаче од разочарување. Неговиот внук се обидува да го смири. Потоа станува и наздравува со чаша црвено вино во знак на сеќавање на загинатите. Поради повредите добиени во војната, одвај може да стои. Седумнаесет години се движи со помош на патерици.

Eine Frau geht in Tiraspol, der Hauptstadt der international nicht anerkannten Republik Transnistrien (PMR), an einer Ehrentafel mit Bildern von Bürgern mit besonderen Verdiensten entlang
Тираспол, главен град на меѓународно непризнатата ТранснистријаФотографија: picture-alliance/dpa

„Тоа навистина беше борба, масакар. Се` залудно. Бог да ги прости.“

Вештачки конфликт

Василе и неговото семејство сметаат дека конфликтот околу Транснистрија бил вештачки создаден. Доктор Виорел Чиботару е раководител на Европски институт за политички студии во Кишињев, главниот град на Молдавија и има сличен став: „Транснистрискиот конфликт беше проект. Беше испланиран и спроведен како дел од поголема операција. Транснистрија не е единствен случај. На ист начин беше агитирано во балтичките земји и во Украина, но таму планот пропадна. Во Грузија, меѓутоа, функционираше. Сите овие решенија беа донесувани централно, на собир на претставници на поранешните комунистички партии, на советската воена шпионажа и на КГБ. Целта беше да се спречи распад на Советскиот сојуз и со тоа да се задржи влијанието врз тие региони.“

Патување во времето

Посета на главниот град на самопрогласената Транснистриска Модлавска Република наликува на патување во времето на поранешниот СССР. Ленин, од плоштадот пред парламентот, гледа со строг поглед. Насекаде можат да се видат плакати со Путин и Медведев. Во посета сме на еден пазар на маргините на градот. Млада мајка продава облека. Таа е самохрана мајка на две деца и благодарна е што има поддршка од своите родители. Од државата не добива никаква помош. Често се прашува како можело да дојде до војна:

Eine Lenin-Skulptur steht in Tiraspol, der Hauptstadt der international nicht anerkannten Republik Transnistrien (PMR), vor dem Gebäude des Obersten Sowjets - 15 Jahren nach dem Ende der Sowjetunion (
Ленин гледа строго во градот во кој секој посетител се чувствува како да се вратил назад во времетоФотографија: picture-alliance/dpa

„Зошто војната воопшто беше неопходна? Веројатно има дел од луѓето кои не можат да живеат добро едни со други, но ние обичните луѓе немавме проблем.“

Еден човек продава патики од Одеса. Има три деца и најголемиот проблем за земјата го гледа во економската криза. Го прашувам што има убаво во Транснистрија. Тој исфрустрирано одговара:

„Не реков дека животот овде е убав. Луѓето си заминуваат, исчезнуваат! Ако беше добро, никој не ќе сакаше да си замине одовде.“

Како и повеќето луѓе на пазарот, и него не го интересира многу дали земјата се вика Молдавија или Транснистрија. Се држи подалеку од политиката и има друга цел - да ги израсне децата.

„Нека не‘ остават намира“

Разочарувањето е големо и кај семејствата на поранешните молдавски воени ветерани. Од денешна Транснистрија морале да си заминат 56 семејства, затоа што во војната се бореле на страната на Молдавија. Дошле во Кишињев, главниот град на Молдавија, за да си го спасат животот. Во Транснистрија важат како предавници. Владата ветила дека на сите бегалци ќе им стави на располагање стан за живеење, но се‘ останало само на ветување. По долгогодишно чекање на помош од страна на молдавската држава, се решиле да запоседнат една висококатница. Тука живеат нелегално веќе осум години. Велат дека на тоа имаат право и бараат само едно:

„Исцрпени сме, малку уморни, разочарани. Сакам никој да не ни‘ пречи, нека не` остават едноставно намира. Не сакаме ништо повеќе.“

Автор: Лаурентиу Ѓакону / Е.Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска