1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана за излез од земјата

„Зиддојче цајтунг“, „Ди пресе“/ Ж. Ацеска20 март 2012

Србија и Македонија сакаат да ги казнат мигрантите кои бараат азил во земјите од ЕУ, пишува денеска „Зиддојче цајтунг“. Весниците пишуваат и за грчката измама со помошта за инвалиди.

https://p.dw.com/p/14O4C
Фотографија: Fotolia

Германија и другите земји од ЕУ одамна ги притискаат балканските земји да преземат мерки против бранот мигранти од регионот. Сега Србија и Македонија посегаат по драстични мерки. Србија планира во иднина да ги казнува своите граѓани за ’илегалната миграција’ и злоупотребата на азилот, слична намера има и македонската влада. Ова произлегува од одговорот на германската влада на прашање на Партијата на левицата. На македонските власти во иднина дури ќе им биде дозволено и одземање на возила со цел спречување заминување во ЕУ.

Од крајот на 2009-та година за граѓаните на Србија и на Македонија не им треба виза за патување во ЕУ... Но, ова, констатира „Зиддојче цајтунг“, илјадници го користат за барање азил во земјите на ЕУ, иако е тоа безизгледно.

Само во првите два месеци годинава азил во Германија побарале околу две илјади граѓани од овие две земји, 399 од Србија и 126 од Македонија, иако никој не добил признат статус на политички прогонувано лице. Само на петмина им било дозволено привремено останување во Германија од здравствени причини. Најголем дел од барателите се Роми, кои бараат начин да ги одбегнат сиромаштијата и дискриминацијата. Повеќе европски држави ова го сметаат за злоупотреба на правото на азил и донесоа одлука која дозволува укинување на визната либерализација во вакви случаи. Клаузулата стапува во сила уште годинава. Во Србија затоа јавно се предупредува од повторното воведување визи. Планираните казни за нелегалното патување потсетуваат на контроверзните методи на италијанскиот екс-премиер Силвио Берлускони, кој иницираше закон со кој илегалните доселеници можеа да бидат казнети со затвор и не смееја да склопат брак со италијански партнер, што наиде на жестоки критики во европските земји и беше прогласено за неуставно од италијанскиот Уставен суд. Српската гранична полиција уште лани летото доби дополнителни овластувања: при излезот може да бара да се покаже резервација во хотел и повратна карта, како и дали патникот има доволно пари со себе. Сепак, бројот српски баратели на азил есеноска се зголеми. Според информациите на српската гранична полиција, планираниот закон треба да овозможи дури и одземање на пасошот или изречување забрана за патување во земјите од ЕУ. Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Србија не може сама да го реши проблемот со „лажните азиланти“, апелирајќи до ЕУ на илегалните мигранти да им забрани повторно влегување.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

Партијата на левицата во Германија во Бундестагот ја обвини германската влада за соучесништво во планот на Белград. Откако Германија ги притисна Србија и Македонија да ги заострат прописите, сега се дистанцира од мерките кои тие ги преземаат, истакнува експертот на Левите за внатрешна политика, Ула Јелпке. „Казнувањето на оние кои бараат азил во ЕУ е неспоиво со човековите права“, вели таа.

Германското министерство напротив со став дека „балканските држави мораат да бидат во согласност со ЕУ-стандардите“ и согласно на тоа, да ги запазуваат човековите права.

Земјите претенденти за членство во ЕУ, знаат дека мораат да ги интегрираат малцинствата за да ги зголемат своите шанси за влез во Унијата. Освен тоа, германското министерство укажува на повеќе помали проекти за поддршка на Ромите на Балканот. Во еден проект се слеваат 50 илјади евра за обезбедување самостојна егзистенција“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Закинтос, остров на слепите

Весникот „Келнер Штатанцајгер“ пак укажува на уште една измама во Грција-злоупотреба на државната помош.

„Островот Закинтос има 38 илјади жители, 700 од нив тврдат дека се слепи, за да обезбедат пензија. Само 150 од нив се вистински без вид, констатирала проверката на грчкото министерство за здравство.

’Бисерот на Јонското Море’, како што жителите радо го нарекуваат Закинтос, стигна во главните наслови во медиумите како пример за беззаконие“.

Весникот „Ди Пресе“ на истата тема ги изнесува димензиите на оваа појава во вкупни размери:

„Закинтос е само врв на брегот, пример за широка измама во социјалата со штети во двоцифрени милионски суми-од 240 илјади граѓани корисници на помош за инвалидност, фактички на неа право имаат само 50 илјади. Министерството за здравство сега во случајот го вклучи државното обвинителство и бара истрага и казни и за соучесниците во службите“, пишува „Ди Пресе“.