1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана за Муслиманското братство?

ЕМФ/апф/дв18 август 2013

Приврзаниците на соборениот египетски претседател Мурси за денеска повикуваат на нови протести. При празнењето на џамијата Ал Фатах се уапсени 385 луѓе. Владата преиспитува можност за забрана на Муслиманското братство.

https://p.dw.com/p/19RfH
Фотографија: picture-alliance/AP

Не може да има помирување со оние што имаат „крв на рацете“ - египeтскиот преоден премиер Хашем ал Библави бара од исламистите да се откажат од насилство како предуслов за политички дијалог. Претседателскиот советник Мустафа Хигази вчера (17.08), пред претставниците на меѓународните медиуми, дури зборуваше за „војна против екстремистичките сили“, кои сакаат да ја уништат државата. Владата и военото раководство во Египет, независно од критиката на Западот, ја потврдија уште еднаш својата определба за остар курс во кризата.

Повеќедневните судири меѓу исламистите и безбедносните сили имаат најверојатно и правни последици. Државата новинска агенција Мена јави дека властите водат истрага против 250 поддржувачи на Муслиманскот братство за убиство, обид за убиство и тероризам.

Преодната египетска влада ги преиспитува можностите за забрана на Муслиманското братство. Портпарол на Владата во Каиро изјави дека предлогот за прогласување на исламистичката организација за нелегална дошол од преодниот премиер Ал Библави. Сепак, одлука се‘ уште не е донесена. Организацијата беше основана во 1928 година, а беше забранета во 1954 година од тогашната воена власт во земјата. Во март годинава Муслиманското братство се регистрираше како невладина организација. Неговата новосонована Партија за слобода и правда победи на парламентарните избори по падот на Хосни Мубарак. Меѓутоа, според анкетите, оттогаш таа има загубено многу на популарност.

Џамијата во Каиро е принудно испразнета

Полицијата вчера по повеќечасовни претстрелки принудно ја испразни џамијата Ал Фатах во Каиро, во која беа забарикадирани стотици приврзаници на соборениот претседател Мохамед Мурси. На телевизиските снимки можеа да се видат вооружени лица кои од минарето на џамијата пукаат врз полицајци и војници. Безбедносните сили возвраќаа на огнот. Престрелки имаше и во џамијата. Уапсени се 385 лица, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Ägypten Auseinandersetzung um al-Fath Moschee 17.8.2013
Фотографија: Reuters

Кога исламистите ја напуштија џамијата, тие беа нападнати од разбеснети жители на Каиро, вооружени со стапови и железни шипки. „Ова се терористи“ извикуваше разбеснетата толпа. И во други делови на Каиро цивили напаѓаа исламисти, честопати само затоа што носеле брада.

Откако ситуацијата во Египет ескалираше во средата (14.08), кога беа расчистени два протестни кампа на исламистите во Каиро, загинаа околу 800 луѓе.