1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана за уште една курдска партија

12 декември 2009

ЕУ и САД со загриженост реагираа на забраната на политичката организација на Курдите, Партија за демократско општество. Врховниот суд ја донесе одлуката едногласно, а ова е 25-та забранета партија во турската историја.

https://p.dw.com/p/L0tx
Ахмет Турк, лидер на забранетата партијаФотографија: AP

Турскиот уставен суд ја забрани единствената партија која ги претставува Курдите во турскиот парламент. Партијата за демократско општество има врски со Курдската работничка партија, ПКК, и е центар на сепратистички активности, гласи образложението на одлуката на судиите. Партијата ќе биде распуштена, а нејзиниот имот ќе биде конфискуван.

Како реакција, САД побараа од Анкара посилно да ги поддржува политичките слободи во земјата. За забраната на курдската партија меѓутоа американското министерство не се изрази поконкретно. Тоа е внатрешна работа на Турција, се вели во соопштението на американското министерство за надворешни работи.

ЕУ, пак, изрази загриженост поради одлуката. Распуштање на политички партии е невообичаена мерка, кон која мора да се посегне со исклучителна воздржаност, соопшти шведското претседателство со Унијата, најавувајќи дека внимателно ќе го следи натамошниот развој на настаните.

Забранување на партиите не е решение

Flagge der linksnationalistischen Arbeiterpartei Kurdistans, PKK gleich Partia Karkaren Kurdistan
Партијата е забранета поради врски со курдската работничка партија ПККФотографија: AP

Одлуката на турскиот уставен суд би можела да значи уназадување за Турција на патот кон ЕУ. Унијата уште претходно евентуалната забрана на партијата ја оцени како кршење на правата на Курдите. Освен тоа, таа може да предизвика судири со Курдите. Турција инаку ја смета ПКК за терористичка група, а истиот став го имаат и ЕУ и САД.

Партијата за демократско општество, која има 21 пратеник во парламентот, негира дека има врски со ПКК. Таа беше формирана во 2005 година и е наследник на неколку распуштени прокурдски партии, кои исто така беа забранети поради врски со ПКК.

„Турција не може своите проблеми да ги решава преку забрана на партиите. Се‘ додека наша цел е решавањето на курдскиот проблем, сеедно е кој е исклучен од политиката , а кој не, зашто ние остануваме одлучни во барањето решение,“ изјави шефот на Партијата за демократско општество Ахмет Турк. Со одлуката им е изречена забрана за политичка дејност од пет години на 37 членови на партијата.

Поголема автономија - поголема опаснсот за државата

Türkei, Erdogan appelliert an irakische Kurden
Реформите на Ердоан сфатени како закана за државатаФотографија: AP

Стремејќи се кон полноправно членство во ЕУ, владата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоан започна реформи, со кои на курдскиот јазик и култура им се гарантира поголем простор во јавниот живот. Во конзервативните кругови, во кои спаѓа и судството, тие наидоа на остри критики. Стремежот на Курдите кон поголема автономија конзервативците го оценуваат како закана за државата.

Стотици курдски демонстранти се судрија синоќа со полицијата во Турција по забраната објавена од Уставниот суд за Партијата за демократско општество. Полицијата употреби солзавец и водени топови за да растера околу илјада демонстранти, кои се собраа пред зградата на централата на партијата во Дијарбекир.

Демонстрантите фрлаа со молотови коктели врз полицијата. Демонстрации на околу стотина лица имаше и во Истанбул.

Автор: ЖА/ТТ/ројтерс/дпа/ап

Редактор: Трајче Тосев