1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана на НПД - по вторпат

Марсел Фирстенау/ Жана Ацеска6 декември 2012

Речиси нема сомнеж дека германската партија НПД застапува екстремни националистички ставови. Политичарите сакаат вторпат да покренат иницијатива за нејзина забрана, но забраната во Германија не е ни малку лесна постапка.

https://p.dw.com/p/16wgi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Германија и прашањето на безбедност е доста сложено, зашто тоа е во надлежност на министрите за внатрешни работи на сите 16 покраини и покрај нив, на министерството во Берлин на сојузно ниво. Но, покраинските министри се се‘ поубедени во постоењето доволно докази за екстремистичката дејност на Националдемократската партија на Германија и планираат уште еднаш покренување иницијатива за нејзина забрана, иако сојузното министерство засега не е убедено во успехот на вториот потфат.

Покраините се чини ќе ја покренат постапката за забрана на екстремистичката партија, во надеж дека надлежната комисија на Уставниот суд ќе ги прифати аргументите за почеток на процедурата. Забраната на одделна политичка партија во оваа земја не е едноставна работа, а првиот обид против НПД неславно пропадна.

Политика или провокација?

Имено, судиите на Уставниот суд се посомневаа во веродостојноста на приложените докази со оглед на тоа што најголем дел потекнувал од доушници на Службата за заштита на уставот на високи позиции во партијата НПД. Дилемата гласеше: дали се тоа ставови на партијата или провокации на уфрлените луѓе од редот на чуварите на редот?

Овојпат министрите за внатрешни работи на сите покраини уште пролетоска се сложија да ги исклучат своите „доверливи извори“ од доказната постапка за недемократските цели на оваа политичка партија. Според германските медиуми, тоа и не било неопходно, зашто и без доушниците биле собрани илјадници страници разни материјали од извори достапни за јавноста или од изјави на членови на партијата.

Навистина, и меѓу министрите имало такви кои не биле сосема сигурни дали собраните докази се доволни за забрана на НПД. И покрај изјавите на некои членови на партијата и неонацистичката иконографија на приврзениците, политикологот Геро Нојгебауер предупредува - во Германија е потребно недвојбено докажување на „агресивното и борбеното“ однесување на оваа партија против демократските темелни вредности за таа да биде забранета.

Тоа е многу тешко, зашто се потребни докази „во зборови и дела“ за поткопувањето на демократијата во оваа земја од страна на партијата, предупредува политикологот.

Symbolbild NSU Affäre Verfassungsschutz Jahrestag Terrorismus Rechtsradikale
За заштита на демократијата, Службата за заштита на уставот со свои доушници и во НПДФотографија: picture-alliance/dpa

Не смее да се дозволи неуспех

Сепак, и министерот за внатрешни работи на покраината Долна Саксонија, Уве Шинеман по долго двоумење се приклучи на иницијативата за забрана, надевајќи се на согласноста и на сојузниот министер, негов партиски колега од Христијанско-социјалната унија, Ханс-Петер Фридрих. Формално, барањето пред Уставниот суд можат да го поднесат и само покраинските министри, но тоа би бил знак дека не сите чувари на редот сакаат забрана на НПД.

Двојбата на Берлин не е во никој случај втемелена врз симпатиите кон ставовите на оваа националистичка партија. И политикологот Нојгебауер истакнува - нема сомневање дека НПД застапува непријателство кон странците, антисемитизам и шовинизам и дека нејзиниот однос кон демократијата е фундаментално спротивставување. Но, потребни се докази за подготвеноста на партијата со сила да ги постигне своите цели, а тоа е малку потешко. Берлин стравува од пропаѓање на новата иницијатива, што за НПД би била бесплатна реклама. Тоа го истакнува и министерката за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер, стравувајќи од несакано придавање преголемо значење на екстремистите.

Терористите - и политички парадокс

Вториот обид за забрана на НДП секако е поврзан со откривањето на неонацистичката терористичка организација НСУ, ќелијата од Цвикау, нејзините недвојбени злосторства и поврзаноста на терористите со одделни членови на НПД. Тоа води кон заклучок - партијата е своевидна „легална“ страна на истите терористички стремежи, па Уставниот суд би можел да ја изрече забраната. Но, дури и во тој случај е можна појава на своевиден политичко-правен парадокс.

Имено, од НПД веќе објавија дека во случај на евентуална забрана, ќе се жалат до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Правните експерти во германскиот парламент ги проучија досегашните одлуки на овој суд, воочувајќи-тамошните судии, при донесувањето одлуки, ги разгледуваат и шансите на оваа партија „своите цели спротивни на демократијата да ги спроведе со политички средства“.

Deutschland Symbolbild Neonazis Springerstiefel Neonazi-Untersuchungsausschuss im Bundestag
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во 1998 година овој суд прифати забрана на турската Партија на благосостојбата која, според тогашните испитувања, уживаше дури и наклоност на мнозинството граѓани на Турција. Германската НПД, посебно во некои области во источна Греманија со посебно грлати активисти, можеби и е мнозинство во некоја општина или месна заедница, но на сојузно ниво тоа и‘ е апсолутно недостижна цел. Според актуелните анкети на јавното мислење, НПД има симпатии на одвај еден процент од германските граѓани.

Значи, дури и ако Уставниот суд во Германија ја забрани НПД, судот во Стразбур би можел да ја укине забраната и со тоа да и‘ помогне на оваа партија, но и на неонацистичките партии и организации во цела Европа. Затоа германските политичари се толку претпазливи во своите иницијативи, а германската канцеларка преку својот портпарол Штефен Зајберт изјави дека „не сака да се впушта во никакви прогнози“.