1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забранета и заборавена уметност

23 февруари 2011

Политички неподобните уметнички дела се уништени или, пак, засекогаш исчезнале во архивите. Германскиот антиквар Герхард Шнајдер тргна во потрага по забранетата уметност и дојде до интересни откритија.

https://p.dw.com/p/zz91
Целта на д-р Герхард Шнајдер е зачувување на уметничките дела за идните генерацииФотографија: Gerhard Schneider

Се‘ започна во 1985 година, кога антикварот Герхард Шнајдер случајно ги открил делата на сликарот Валентин Нагел. Тој се одушевил од неговиот своеволен кубистичен начин на изразување, но никаде не успеал да најде некакви информации за уметникот. Да не ја најдел студентската легитимација од уметничкото училиште „Ханс Хофман“ од Минхен од 1928 година, овој уметник и неговото творештво најверојатно засекогаш би паднале во заборав.

Уметност на исчезнатата генерација

Achtung: Nur für Artikel über den Sammler Dr. Gerhard Schneider verwenden
Збирката на Шнајдер е со непроценлива вредностФотографија: Dr. Gerhard Schneider

Шнајдер најпрво мислел дека анонимноста на тој сликар е случајна. Потоа наишол на книгата „Уметноста на исчезнатата генерација“, историјата на уметноста на Рајнер Цимерман, во која станува збор за забранетите уметници чии дела никој не смеел да ги види, оти не им одговарале на политичките идеи на оние на власт. Шнајдер, во меѓувреме, собра илјадници уметнички дела. Во најголем дел тоа се дела од Германија и Европа, а едно е сигурно - оваа збирка е со непроценлива вредност.

Забранетата уметност во Германија најчесто се поврзува со националсоцијализмот. Експресионистите како Август Маке или Макс Ернст, кон почетокот на 20 век, го подобриле угледот на германското сликарство во светот. Но, нивниот начин на изразување во времето на националсоцијализмот се сметал за „еврејски“ и поради тоа бил забранет. Државните контролори добиле задача да ги прочешлаат сите музеи и јавни галерии, и да ги „ослободат“ од тоа „уметничко ѓубре“. Тоа културно варварство доживува кулминација во 1937 година со изложбата „Изопачена уметност“, која била поставена во Минхен. Антикварот Шнајдер вели:

„Нацистите, само во германските музеи и јавни галерии, издвоиле над 20.000 дела од околу 1.400 уметници. Мал дел од тие творби е продаден во странство за малку пари, а најголемиот дел денес мора да се смета за уништен“, заклучува Герхард Шнајдер.

Влијание врз уметничката сцена

Verfemte Kunst
Шнајдер ќе отвори Центар за прогонета уметностФотографија: Gerhard Schneider

Но, и во поделената Германија уметничките дела понекогаш се оценувале од политички аспект. Така, во поранешната ГДР, уметниците биле во служба на социјалистичката идеологија, а кога нивните дела не биле во согласност со важечката идеологија, биле жигосувани како заговорници на „гнилиот капитализам“.

„Како на Исток, така и на Запад, се правеле обиди да се изврши влијание врз уметничката сцена, оти тука се судирале две идеологии“, вели Герхард Шнајдер и додава: „Но, уметниците само делумно се придржувале до правилата и на воодушевувачки начин успевале до денес да го зачуваат својот ‘ракопис‘. Меѓу нив се, на пример, Ирмгарт Весел-Цумло и Вилхелм фон Хилерн-Флинш.“

Пронаоѓањето на исчезнатите уметнички дела за Герхард Шнајдер веќе одамна стана негова животна задача. Целта на неговата потрага е зачувување на уметничките дела за идните генерации. Кон крајот на јануари, Шнајдер ќе ја исполни својата најголема желба, и во Солинген, со финансиска поддршка од Здружението Рајнланд, ќе отвори Центар за прогонета уметност.

Автор: Петер Колаковски / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Борис Георгиевски