1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забраните не го решаваат проблемот

Баха Гингер16 март 2008

Турција се наоѓа пред најтешките внатрено- и економско политички времиња во речиси 85-годишната историја на Републиката. Барањето за забрана на АКП - нерешлива задача за Уставниот суд. Коментар на Баха Гингер

https://p.dw.com/p/DPER
Протест на конзервативни жени против државното обвинителство на Турција, поради барањето за забрана на АКПФотографија: AP
Турското државно обвинителство во петокот побара од Уставниот суд да забрани политичко дејствување на претседателот и премиерот, на уште 69 други водечки политичари, како и на водечката партија во земјата, партијата на правдата и развојот АКП. Образложение: АКП станала „центар на активности против лаицизмот“ и се стремела кон промена на уставното уредување и претворање на турската република во религиозна држава. Забрани на партии во Турција не се реткост, посебно не по 1982-ра година, кога стапи на сила уставот изработен под водство на офицерите. На барање од обвинителството, Уставниот суд забрануваше дејност пред се’ на прокурдски и религиозни партии и на нивни функционери. Но, демократијата постојано наново овозможуваше патишта за основање нови партии со друго име, а со исти цели и програми.
Неспособните етаблирани партии виновни за ситуацијата
Политичкиот татко на АКП и нејзините содржини Неџметин Ербакан доживеа забрани на 4 негови партии, а пред 11 години генералите го соборија од премиерската функција. Но, многумина од неговите млади сили, како претседастелот Ѓул и премиерот Ердоан, успеаја да ги преземат државните задачи. Курдите, кои освен партиските забрани, мораа да совладаат и подметната 10-процентна пречка за влез во парламентот, сега во него имаат своја фракција. Одговорноста за ваквата ситуација лежи кај етаблираните партии од политичкиот центар и полево и подесно од него. Тие не успеаја да креираат разумни демократски алтернативи и да ги решат итните проблеми на земјата, а со личните борби за превласт меѓусебно се деградираа на безначајност. Затоа АКП можеше на последните избори да освои речиси половина од гласовите и сама да формира влада.
Грешките на Ердоан
Грешка на Ердоан беше што од тогаш се смета себе си за неодминлив и при донесувањето решенија само маргинално ги земаше пред вид посебно чувствителните моменти за државата и општеството. Тука спаѓаат модерните, западни форми на живот, исклучувањето на шамии и фереџе кај жените во управата и образованието или исклучување на мешање на секти и на религиозни водачи во владините работи, се’ до најмалата општина. Еден од големите стравови на Турците е претворање на нивната република во држава според примерот на Иран или Саудиска Арабија, со коранот како устав. Ердоан при донесувањето тешки решенија на владата не се воздржуваше од идеите да побара совет од религиозните водачи, па постојано наново беше засилуван впечатокот дека тој и неговите следбеници се служат со демократските слободи за да ја слабеат или маргинализираат демократијата.
Претседателот Ѓул не се однесуваше неутрално, како што бара функцијата
На списокот од 71 политичар, за кои се бара забрана за дејствување, е и името на претседателот на државата Абдула Ѓул. Со изборот на функцијата, тој мораше да ја врати партиската книшка и беше обврзан на натпартиска неутралност. Но, не се однесуваше неутрално и даваше дозвола за темелни промени на уставот и законите. Каква и да е одлуката на уставниот суд - дали ќе поведе постапка по барањето на обвинителството или ќе го одбие, или можеби ќе се искаже против забрана - пред неговите 11 судии стои нерешлива задача. Отфрлање забрана на АКП би и’ дало крила на таа партија и само прашање на време би било кога исламизмот - со или без подршка од Западот, со или без толерирање од Европејците - натамошно ќе ги поткопа и маргинализира основните демократските принципи. Забрана, пак, би ги предизвикала старите рефлекси на турското население, да подржи нови партии со истите цели.

►◄