1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрзани подготовки за изборите

15 април 2008

За следење на претстојните предвремени избори веќе се подготвуваат странските и домашните набљудувачи,а партиите веќе ги бараат можните коалициони партнери

https://p.dw.com/p/DiOU
Започнува трката по гласачиФотографија: Petar Stojanovski

Неколку стотини странски набљудувачи ќе бидат присутни на шестите парламентарни и први предвремени избори во Македонија.

И невладината организација Мост ги започна подготовките за изборот и обуката на над 1500 домашни набљудувачи. Оваа организација во 2006 година ги погоди и соодносите на парламентарните сили. Весникот Шпиц прв јавно ги објави правилата на медиумското покривање на изборите, повикувајќи ги партиите да определат и свои омбудсмани, кои ќе контактираат со уредништвото на овој бесплатен весник.

За фер и демократско гласање власта ќе понуди декларација слична на документот потпишан на претходните паралементарни избори.

Партиите започнаа со подготовки

Партиите инаку почнаа со неформалните изборни кампањи, но и први контакти за идни коалиции. Досегашниот портокалов сојуз на ВМРО ДПМНЕ ќе претрпи измени. Не е исклучено Либералната партија со најстариот пратеник Стојан Андов да замине од коалицијата со Груевски.

Актуелниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ ќе се обиде да ги привлече партиите од помалите етнички заедници: Бошњаци, Турци, Срби, Роми, чии гласови се над 150 илјади. Груевски пред шест месеци им понуди посебно министерство за етнички заедници, но идејата не се реализира.

И во опозицискиот СДСМ започна подготовка за изборите. Лидерот Радмила Шекеринска заговара коалиција на проевропските сили, дури и со НСДП на Тито Петковски, кој се отцепи од СДСМ. Стандардните партнери ЛДП остануваат.

Во партиите на македонските Албанци главната битка ќе се води меѓу лидерите на ДПА и ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети.