1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завера за убиство на претседателот на Венецуела?

ЖА/дв/дпа/афп27 август 2013

Службите во Венецуела, според сопствени наводи, откриле уште една завера против претседателот на државата Николас Мадуро. Една од трагите наводно води кон Колумбија.

https://p.dw.com/p/19WU3
Фотографија: Juan Barreto/AFP/Getty Images

Министерот за внатрешни работи Мигуел Родригез соопшти дека полицијата уапсила двајца Колумбијанци кои планирале атентат врз претседателот на државата. Осомничените биле откриени и фатени во еден хотел во главниот град Каракас. Инспекторите откриле две парчиња оружје, воени уноформи и фотографии на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и на претседателот на парламентот Диосдадо Кабело.

Во јули владата на Венецуела исто така извести за наводна завера за убиство на Мадуро и Кабело. Во неа учествувале лица од Колумбија, Мајами од САД и Панама, беше соопштено тогаш.

Мадуро, кој е наследник на долгогодишниот претседател Хуго Чавез, кој по долгогодишно боледување во март почина од рак, во мај ги оцени како „вистински фашисти“ оние кои во неговата татковина и од странство сакаат да го соборат или да направат да го снема, за да шират анархија во земјата.

Своевремено и Чавез постојано зборуваше за наводни планови за негово убиство.

Колумбискиот претседател наводно дел од заверата

Претседателот на парламентот на Венецуела, Кабело, е уште поконкретен и го обвини порабешниот колумбиски шеф на државата Алваро Урибе за наводни планови за напад.

„Знаеме кој стои зад плановите на венецуелските десничари, тоа е господин Алваро Урибе. Тие сакаат да предизвикаат крвопролевање“, изјави Кабело за телевизијата Телесур.

Урибе се смета за огорчен противник на левопопулистичката влада во Каракас. Во интервју за телевизијата НТН 24 тој ги демантираше обвинувањата, оценувајќи ги за неосновани.

„Создавање легенда“

Лидерот на опозицијата во Венецуела, Хенрике Каприлес, наводните планови за напад врз шефот на државата ги смета за пропаганда, за обид да се создаде легенда.

„Никој не верува во овие приказни. Луѓето се смеат на нив, но ние мораме да ги гледаме последиците од нив“ - оваа изјава на Каприлес, гувернер на сојузната држава Миранда, ја цитира весникот „Ел универзал“.