1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завет на молк за разговорите со Филе

Катерина Блажевска24 јануари 2013

Компромисот за решавање на внатрешно-политичките предизвици е тест и за капацитетите за справување со надворешно-политичките“, велат дипломатски извори, сугерирајќи дека тоа е главната тема на разговор со Филе.

https://p.dw.com/p/17Qdp
Фотографија: MIA

Во најголема тајност и со целосно ембарго за соопштување детали од разговорите, завршија средбите на еврокомесарот Штефан Филе со премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорѓе Иванов и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, вчера во Скопје. Молкот во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ ги потврди дипломатските најави дека ова е само почеток на серија интензивни разговори, кои треба да помогнат во завршувањето на политичката криза во Македонија.

„Зимата“ во политичките односи е закана за пролетниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија и за нејзините интеграциски процеси, била генералната порака, што според дипломатски извори, Филе им ја пренел на своите соговорници. Засега нема потврда на шпекулациите дека еврокомесарот одржал и заедничка средба со Груевски и Црвенковски, кои еден ден претходно имаа неуспешен обид за надминување на кризата.

Кризата и импликациите од неа

Иако во краткото соопштение од Мисијата на ЕУ во Скопје се вели дека комесарот ги претставил подготовките за априлскиот извештај и дека ќе се врати во Скопје на разговори за Високиот пристапен дијалог, извори упатени во разговорите тврдат дека единствената точка била внатрешната криза и можностите за излез од неа.

„Доаѓањето на еврокомесарот најдиректно го потврдува постоењето на политичката криза, кое Груевски досега го игнорираше или го релативизираше - велат аналитичари блиски до опозициската СДСМ. Кругови блиски, пак, до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тврдат дека Филе побарал објаснување за завчерашната изјава на Црвенковски, според која, ‘ако власта не прифати парламентарни избори и ако продолжи бојкотот на Парламентот и на локалните избори, тогаш и СДСМ ќе ја повлече бланко поддршката за секое решение за името кое ќе биде прифатливо за Груевски, а кое нема да задира во идентитот’.

Mazedonien Gorge Ivanov und EU Stefan Füle in Brüssel
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов фотографиран со еврокомесарот Штефан Филе за време на една од посетите на БриселФотографија: MIA

„Таа бланко поддршка ќе ја нема. Отсега, целокупната одговорност за сите прашања, вклучително и за името, ќе ја преземе Никола Греувски и коалициската влада“, порача завчера Црвенковски. Овој ултиматум, наводно бил изненадување за еврокомесарот, со оглед дека СДСМ досега важеше за конструктивен соговорник по прашањето за решавање на спорот за името.

Аналитичарите сметаат дека оваа изјава крие само обид за свртување на европското вниманието кон позицијата на СДСМ и неговиот фронт.

„Од досегашната политичката практика на релација Скопје - Брисел, Црвенковски научи дека млеко најпрво добива детето што најмногу плаче, па реши и тој да ‘крене глас’. Тој само сака да испрати порака до Брисел, дека е многу лесно да се биде неконструктивен, ако досегашната конструктивност не се цени и почитува“, оценуваат домашни аналитичари.

Магла на политичката писта

Според дипломатски извори, Филе доаѓа „без фанфари“, бидејќи во оваа фаза „невидливата“ дипломатија поефикасно ќе ги релаксира позициите на субјектите - актери на кризата.

„Власта и опозиција имаат шанса, но пред се обврска да се издигнат над сегашните непродуктивни позиции и низ искрен дијалог да постигнат договор. Компромисот за решавање на внатрешно-политичките предизвици е тест и за капацитетите за справување со надворешно-политичките“, велат тие, сугерирајќи дека тоа била главната тема на вчерашните разговори. Тие најавуваат интензивна активност на релација Брисел –Скопје, која може да даде олеснувачки импулс, но само ако политичките субјекти во Македонија покажат дека и тие имаат иста цел – да бидат дел од решението.

Сепак, еврокомесарот „задоцни“ во Скопје. Нашите извори потврдуваат дека неговата посета била планирана една недела претходно, само еден ден по посетата на Стефано Санино, но не се реализирала поради технички причини - одложен лет поради лоши временски услови. Вчера беше сончево и Штефан Филе непречено си замина од Скопје. Маглата остана само на политичката писта.